На кризата во таборот на Работнички никако да и дојде крајот, а неизвесноста околу иднината на клубот и неколкуте неисплатени плати беа причина од „Градски парк“ да си замине и шефот на стручниот штаб на најтрофејниот македонски клуб, Емил Рајковиќ. Како што е познато, Рајковиќ пристигна во Работнички кон средината на минатата сезона, потпишувајќи договор на две и пол години. Откако го внесе клубот најпрвин во Супер-лигата, а потоа и во плејофот, Рајковиќ се надеваше на уште поголеми амбиции за новиот шампионат, но промените што настанаа во раководните структури на клубот ги нарушија плановите.
„Сметам дека покажав доволно трпение во изминатиот период, чекав да дојде до консолидација, но за жал тоа не се случи. Пред извесно време испратив писмо до управата во кое порачав дека очекувам во следниот период да бидат исплатени парите што се должат и да се дискутира околу плановите за иднината. Не добив никаков одговор, па согласно со одреден член од договорот јас сум приморан да прекинам со сите свои ангажмани и повеќе да не ја извршувам функцијата шеф на стручниот штаб и за тоа ги известив раководните луѓе, така што на првата прозивка што претходно ја имав закажано за 5 август јас нема да присуствувам. Сега менаџерскиот тим кој ме застапува правдата ќе ја бара преку ФИБА, бидејќи договорот што го имам со Работнички е заштитен од Светската Кошаркарска Федерација. Сметам дека во изминатиот период целосно бев посветен на Работнички и остварив добри резултат со оглед на околностите во клубот, потоа покажав и трпение за надминување на кризата, но за жал ситуацијата не се подобри, а дадените ветувања не се исполнија“ – истакна Рајковиќ.
Трофејниот стручњак пред извесно време беше поврзуван со клубови надвор од Македонија, но за да дојде до нешто поконкретно најпрвин ќе треба да дојде до разврска во целиот случај со Работнички.
„Ситуацијата е јасна, јас имам уште две години од договорот со Работнички, па или ќе треба спогодбено да се договориме, или да го тужам клубот во арбитражниот суд на ФИБА. Јас сум професионалец и чесно го одработував договорот, па сега очекувам обврските кон мене да бидат подмирени. Се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик“ – порача Емил Рајковиќ.
Евентуалната тужба до ФИБА би можела да придонесе Работнички да биде казнет со забрана за ангажман на нови кошаркари, што би бил сериозен проблем со оглед на фактот дека најтрофејниот македонски клуб има активен договор единствено со Марјан Ѓуров, кој лани потпиша на две сезони, но кој исто така може да ја прекине соработката врз основа на платите што му се должат од ланскиот шампионат. Јасно е дека како што минува времето, проблемите за најтрофејниот клуб стануваат се поголеми, но никако не се наоѓа херој што ќе го најде решението за нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Модриќ: Гризман ја заслужува „Златната топка“