| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Името и идентитетот се дел од нас и ние сме дел од нив

ivanov пелинцеНа ден Илинден се потсетуваме на Илинденското востание и на првото заседание на АСНОМ. Недалеку од овде беа удрени темелите на македонската држава, се обрати на чествувањето на големиот македонски празник Илинден во Пелинце Ѓорѓе Иванов, претседателот на Република Македонија.

-Слободата има свој корен, своја почва. Коренот ни е тука во Македонија. Се вели дека пченичното зрно, ако не изрти останува само, во спротивно носи плод. Стремежот за слобода и светлина е семето кое Илинденците и АСНОМ-ците го посадија вм македонската почва. Од тоа семе се родија плодовите на слободата. Неслучајно, нашата химна започнува со зборовите „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“. Денес ја славиме слободата и светлината. Сонцето и Илинден се македонскиот симбол за слобода. Сонцето кое го има на нашиот грб, кое е испеано во македонската химна е залез на слободата на кој се потсетуваме на Илинден, рече Иванов.

Се сеќаваме на Македонците кои ја потопија македонската поробена земја со својата крв. Тогаш биле исправени пред два предизвици, две можности-или Македонија ќе биде зандана за робови или слободна земја со слободни луѓе. Иванов вели- хероите влегоа во воружена борба за слобода, правда и достоинство.

-Некои од оние кои ни ја донесоа светлината, изгореа. Некои физички некои духовно. Денес ги славиме сите нив, се сеќаваме на бројните знајни и незнајни херои и јунаци. Нема поголема љубов од тоа да се положи сопствениот живот за себе, за своите најблиски, за Македонија. Никогаш не смееме да заборавиме колку животи беа дадени, за да се знаат нашите предци, да дознаат нашите поколенија, порача претседателот.

Претседателот се осврна и на проблемот со името, тоа и идентитетот се дел од нас и ние сме дел од нив.

-Тоа е река што тече со векови. Да се откажеме од тоа е како да се откажеме од реката од која пиеме вода, река од која ние живееме, од која живееле нашите предци, од која ќе живеат нашите поколенија. Историјата не е приватна сопственост, таа не е она што е запишано во книга. Таа е сиот живот на генерациите пред нас, заедничка е. Таа е дел од сето она што сме биле, она што сме и она што ќе бидеме. Независно дали тоа некој го признава или не, рече Иванов.

Ѓорѓе Иванов нагласи дека Македонија и натаму ќе се приближува кон ЕУ, но очекува и Унијата да се приближува кон нас.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top