Македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски ќе дебитира за новиот клуб Алба, во натпревар за трофеј во германскиот Суперкуп против шампионот Брос Баскет Бамберг, во Берлин на 28 септември. Премиера за 25-годишниот кошаркар и веднаш можност да се освои титула. Алба е екипата што го освои германскиот куп, а и ќе биде домаќин во „O2 World“ арената во Берлин. Претходно Војдан од 4 до 22 септември ќе игра за Македонија на Евробаскетот во Словенија. Тоа значи дека ќе нема премногу време за одмор, секако ако нашата репрезентација остане докрај во игра на шампионатот во Словенија.
Македонскиот репрезентативец неодамна потпиша договор со Алба на една година со можност да се продолжи и за следната сезона, а во клубот од главниот германски град пристигна од екипата на Доњецк. Тренер ќе му биде Саша Обрадовиќ. кошаркарски стручњак со кого Војдан има работено, токму во тимот од кој доаѓа во Алба. Заедно ја освоија шампионската титула во првенството на Украина во сезоната 2011/12. За него Обрадовиќ за кого велат дека ќе биде идниот селектор на Србија има само пофални зборови.
„Одлично го познавам Војдан и тој беше еден од клучните кошаркари во шампионската сезона на Доњецк. Многу квалитетен играч со прецизен удар и што е најважно многу дисциплиниран во играта. Војдан е борец и одлично се вклопува во мојата кошаркарска филозофија“, изјави Обрадовиќ.
Мечот од Суперкупот ќе се игра од 20,15 часот, а капацитетот на салата во Берлин е 14.5оо седишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


