| четврток, 6 декември 2018 |

Откако му замина европскиот воз, Вардар почна да купува фудбалери

Раководството на Вардар се подразбуди и почна да ангажира играчи за новата сезона, а прашање е колку тие можат да се наречат засилувања. Пристигна Един Адемовиќ од српскиот прволигаш БСК Борча и потпиша двегодишен договор, а се најавува доаѓање и на Стојан Стојчевски од второлигашот Скопје.

Вистинско летно освежување би било враќањето на Филип Ивановски, поранешниот капитен на Вардар и најдобар стрелец во Првата лига. Напаѓачот е член на казахстанскиот клуб Астана, а ако дојде, тој би бил вистинско засилување. Сега се поставува прашањето зошто порано не се реагираше со трансфери и ангажман на фудбалери кога Вардар беше исправен пред вистински предизвик, настап на евросцената, во квалификациите за Лигата на шампионите.

Вака излегува дека се ангажираат играчи откако на Вардар му замина европскиот воз. Се купува доцна и сѐ што пристигна или треба да дојде во редовите на македонскиот првак е со сомнителен квалитет за клуб со големи амбиции, освен Ивановски. Патем, Вардаровите деца кои ја минаа младинската фудбалска школа на клубот се отстапуваат или заминуваат во други клубови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top