Во центарот на Скопје утре ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради најавените манифестации по повод одбележувањето на 2 август, Денот на Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Од 9 до 12 часот затворени за сообраќај ќе бидат крстосницата од ул. „Димитрија Чупоски“ до ул. „Васил Главинов“ (кај Палома бјанка), потоа крстосницата од бул. „Кочо Рацин“ до ул. „11 Октомври“ кај зградата на Црвен крст, а сообраќајот нема да се одвива и по крстосницата од ул. „Филип Втори“ до ул. „Кеј 13 Ноември“ (кај хотел „Холидеј ин“).
Од МВР апелираат до граѓаните, поради традиционалната прослава што ќе се одржи во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце за одбележување на 69-годишнината од одржување на Првото заседание на АСНОМ, којашто ќе почне во 11 часот, сите заинтересирани посетители да пристигнат во Меморијалниот центар најдоцна до 10 часот, бидејќи потоа ќе биде воведен посебен сообраќаен и безбедносен режим заради пристигнувањето и сместувањето на ВИП гостите.
Покрај тоа, со почеток од 12 часот на Мечкин Камен – Крушево ќе се одржи манифестација на која ќе се обрати премиерот Никола Груевски, па граѓани кои имаат желба да присуствуваат на овој настан, да пристигнат до 11 часот бидејќи од градот Крушево до месноста Мечкин Камен ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.