| четврток, 6 декември 2018 |

Пештанци се жалат: Странците ја спасија сезоната од колапс

pestani ohrid njuz foto2 Жителите на Пештани со заеднички став дека ваков јули одамна не се памети. Тие нагласуваат дека без гостите од западноевропските земји сезоната, буквално, би доживеала целосен колапс, јавува „Охрид њуз“.

„Секоја година е сѐ послабо и послабо. Во текот на јули, капацитетите беа половично полни или делумно празни. Ако не беа Полјаците, Чесите, Холанѓаните и Германците, Пештани ќе беше буквално празно. Очекуваме капацитетите да се наполнат уште овој викенд за празникот и толку. Домашните туристи оваа година изостанаа, а од соседството како викенд-гости доаѓаат само Бугарите“ – вели Петар Пециоски.

Дека оваа година е зголемен бројот само на странските туристи, потврдува Христијан Башоски, кој вели дека иако се чувствува недостигот од гостите од земјава, нивното приватно сместување бележи пораст на гости од Холандија.

pestani ohrid njuz foto

Жителите од ова крајбрежно село велат дека за привлекување туристи од земјава и соседството потребна е соодветен маркетинг, но и решавање на долгогодишните проблеми со кои секојдневно се соочуваат пештанци.

– Туризмот си бара љубезност. За да е успешен, потребен е голем маркетинг и ставање вистински лица на позициите врзани со оваа дејност. Оваа година се жалат на цените на услугите, но јас се прашувам од каде точно доаѓаат тие газди на шанкови и кафетерии, кои со сигурност не се од Охрид. Истите тие луѓе ги диктираат цените, а потоа во медиумите се зборува дека кај нас било скапо. Некои велат дека сместувањето е скапо, но математиката и фактите говорат дека трошоците се премногу високи. Сметки за електрична енергија, за вода, туристичка такса, трошоци за прашок и останати работи. Расходот е висок и не останува буквално ништо – истакнува Пециоски.

Тој додава дека е потребно надлежните инспекциски служби во координација со полицијата да излезат на терен и да го решат најгорливиот проблем во Пештани со дивите издавачи на соби.
„Кога тој проблем ќе се реши, туризмот сигурно ќе добие еден нов импулс. Полицијата,  надлежните и санитарната инспекција треба да излезат на терен и да направат засилени контроли. До кога ќе биде вака, никој не знае. Ние фамилијарно се занимаваме со туризам со децении, но, за жал, во моментов инвестицијата не се враќа – додава Пециоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top