– Имиџот на Охрид во моментов е многу лош. Јавноста и потенцијалните туристи сметаат дека цените на угостителските услуги се превисоки и ние мораме да го прифатиме предизвикот и да преземеме мерки и активности за подигнување на имиџот – изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Локалниот економски совет на Охрид ја одржа првата работна седница, на која се расправаше за активностите што ќе треба да се преземат за подобрување на имиџот на Охрид, најмногу во насока на намалување на цените на туристичките услуги за кои се смета дека се високи и неконкурентни во споредба со останатите туристички дестинации во регионот.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, кој е и член на Локалниот економски совет – Совет на градски татковци со сличен став дека Охрид се уште нема изградена конкретна туристичка понуда. Тој оцени дека охридските туристички работници како се уште да не можат да се носат со конкурентноста на соседните земји – Албанија, Бугарија, Грција, но како примарна активност во насока на подобрување на понудата го посочи решавањето на инфраструктурните проблеми.
– Охрид мора да се поврзе од сите страни, да се искористи положбата што се наоѓа во близина на две други соседни држави со што ќе се зголеми конкурентноста на услугите, а тоа ќе доведе до намалување на цените во угостителството и зголемување на нашата конкурентност – рече Азески.
Во тој контекст, градоначалникот Бакрачески нагласи дека во тек се подготвителни активности за реализација на проектите за изградба на автопатот од Гостивар до Кичево и магистралниот пат Охрид – Св. Наум, како и оти во тек се интензивни преговори со нискобуџетна авио-компанија што би вовела директни летови до Охрид, а што би биле субвенционирани и од локалните самоуправи од Охрид и Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


