Првиот човек на градот, градоначалникот Никола Бакрачески смета дека под итно треба да се преземат мерки за подобрување на лошиот имиџ на Охрид, кој во моментов важи за туристички град со високи цени на угостителските услуги, објави „Охрид њуз“.
– Мое лично убедување е дека цените на угостителските услуги се повисоки и дека имаме недоволно изградени пакет аранжмани. Имиџот на Охрид во моментов е многу лош, јавноста и потенцијалните туристи сметаат дека цените на угостителските услуги се превисоки и ние мораме да го прифатиме предизвикот и да преземеме мерки и активности за подигнување на имиџот, смета градоначалникот Бакрачески.
Бранко Азески,актуелен претседател на Стопанската комора на Македонија и член на Локалниот економски совет- Совет на градски татковци, смета дека во Охрид сеуште постои неразвиена туристичка понуда.
-Ние сеуште не сакаме да ја признаеме конкурентноста која се случи во соседните земји Албанија, Бугарија, Грција, кога тоа ќе го признаеме ќе се реши проблемот. Но, првото што треба да се направи е решавање на проблемот со инфраструктурата. Охрид мора да се поврзе од сите страни, да се искористи положбата што се наоѓа во близина на две други соседни држави со што ќе се зголеми конкурентноста на услугите, а тоа ќе доведе до намалување на цените во угостителството и зголемување на нашата конкурентност. Треба да го следиме примерот на околните земји, во Хрватаска бројот на туристи се зголеми за 4 пати по изградбата на автопатите, вели Азески.
Во однос на подобрувањето на инфраструктурата градоначалникот Бакрачески потенцира дека во тек се подготвителните активности за реализација на проектите за изградба на автопатот од Гостивар до Кичево и магистралниот пат Охрид- Св. Наум. Информира дека во тек се преговори со нискобуџетна авио компанија за воведување директни летови до Охрид, кои би биле субвенционирани и од локалните самоуправи од Охрид и Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.