| четврток, 6 декември 2018 |

Најсмешните изговори на допингуваните спортисти

Допингот е најголемото зло во светот на спортот, а малку подзасилената битка против користењето на недозволени супстанци, направи вистински „лом“ и откри дузина случаи на користење стимуланси за подорби резултати. И како и обично изговорите на виновниците се дека тие воопшто не се виновни. Наводно некој друг им подметнал, или не знаеле што користеле, или упатсвото на користеното недозволено средство бил напишан со мали букви. Еве ги петте најсмешни изговори на врвни спортисти кои паднаа на допинг-тест, односно беа позитивни.

1. Франк Вандебрук (велосипедизам)

Објаснувањето на Белгиецот е врв на лагата во обидот да се амнестира од одговорноста. Беше позитивен на допинг-тест, кој покажа дека користел кленбутерол. И, внимавајте! Наводно Франк купил лек за астма за своето куче кое имало проблеми со дишењето. И остана нејасно како забранетата супстанца стасала во органзимот на познатиот велосипедист. Можеби го бакнувал кучето. Кој знае, ама изговорот е смешен и го заслужува првото место на листата нај-лажговци.

2. Ришар Гаске (тенис)

Французинот беше еден од најталентираните тенисери во својата генерација, но не ги оправда очекувањата во светот на професионалниот тенис. Од него се очекуваа титули и победи на гранслем турнирите. Има навистина прекрасен бекхенд удар, еден од најдобрите во машкиот тенис. И добро лаже. Го фатија како користи кокаин, а Ришар изјави дека бакнал девојка во дискотека, која веројатно „шмркнала“ од белиот прав. И преку бакнежот му се пренел кокаинот во организмот. А сите знаат дека тоа не оди така.

3. Алберто Контадор (велосипедизам)

И Шпанецот се сопна на кленбутерол, а супстанцата изгледа има магично дејство и ги тера консументите да лажат. Поранешниот шампион на Тур де Франс се најал говедско месо, а во него имало кленбутерол. Така се правдаше, а излегува дека животното го клукале со допинг, односно со храна во која имало голема доза од забранетата супстанца за спортистите. Одлично трето место за Контадор.

4. Марин Чилиќ (тенис)

Ова е најтазе случај од пред некој ден, а хрватскиот тенисер падна на тестот во Минхен во мај, веднаш по турнирот во Минхен. И настапи на Вимблдон, каде го предаде дуелот со Кени де Шипер. И објасни дека бил повреден, а всушност му било наложено од Анти-допинг агенцијата да се повлече од настап на гранслемот, со информација дека има позитивен наод уште од Минхен. Прва лажга на Чилиќ, а втората е уште подобра. Како дошло до позитивен наод? Па Марин ја пратил мајка му Ковиљка да му купи гликоза, а таа поради ситните букви на упатството не прочитала точно, па му земала погрешен производ. И, нормално Чилиќ не е виновен, ненамерно мајка му му подметнала недозволено средство, по што Хрватот падна на тестот.

5. Виктор Троицки (тенис)

И случајот со Троицки е интересен, а и тој е од пред некој ден, односно тазе. Српскиот тенисер одби да даде примерок со крв, кога бил повикан на задолжителна контрола. Објаснил дека му е лошо, односно не се чувствува најдобро. Потоа објаснуваше дека му дале зелено светло од Анти-допинг секторот да донесе примерок некој друг ден. А точно е дека и тие што немаат поим како одат тие работи, знаат дека контролата не смее да се игнорира или да се избегне по ниедна цена. Кога ќе ве повикаат МОРА да дадете примерок со крв и мокрача, за да ве проверат. Нема бегање, а Троицки се обиде да избега со интересен изговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top