| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски: Македонците од дијаспората ќе помогнат ако извадат македонски пасоши

пешевскиВрската со дијаспората не смее да се изгуби. За Македонија е добро што поголем број млади луѓе од втората или третата генерација иселници да доаѓаат во земјата на нивните корени, со тоа ќе имаат можност да видат што се случува во Македонија која се менува, а некои од нив да препознаат и можност и за бизнис инвестиција покрај за туризам, порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на Четвртата Годишна конференција на Обединетата македонска дијаспора.

Според Пешевски, македонската дијаспора добро е да помогне, да донира и да отвора нови работна места, но сепак пристапот треба да биде малку поинаков.

– Кога се работи за инвестиции секој гледа да направи добар профит, оти ако нема добар обрт никој нема да инвестира, ниту дијаспора, ниту алтруист. Мора да се препознае можноста дека во Македонија може да се направи подобро. Тоа доколку го видите е одлично. Но, она што може да се направи реално  е поголем број од вас да земат македонски пасоши, поголем број од вас да инсиситираат кај помладите генерации да земат македонски пасош, да доаѓаат и да ја посетуваат Македонија. Тоа ќе биде повеќе од доволно. Улогата на дијаспората за опстанокот на Македонија во идните години ќе биде се поголема. Односите помеѓу етничките заедници во Македонија се менуваат. Бројките се менуваат и многу ќе биде важно бројноста на Македонија и на Македонците да ја задржиме и ја растеме во годините што доаѓаат. Тоа ќе биде важно и за економските ефекти, истакна Пешевски.

Тој посочи дека како Влада тоа ќе го помогнат, бидејќи што поголем број имаат пасоши и што поголем број ќе гласаат тоа ќе значи директна поддршка за економските политики што се спроведуваат во државата. Појасни дека оваа Влада се карактеризира со тоа што голем дел од нејзините членови доаѓаат од приватниот сектор, се едуцирани или работеле во странство и се обидува да функционира како западна компанија, која сака да помогне на сите инвеститори кои ќе дојдат во земјата.

– Само на тој начин ќе имаме одржливи инвестиции и само на тој начин ќе помогнеме на нашата држава, потенцира Пешевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top