Се случи она од што жителите на улицата „Страшо Пинџур“ во Штип најмногу стравуваа – останаа и без проодна патека и без вода за пиење, јавува порталот „Локално“. Поради пукање на водоводна цевка на улицата дојде до свлекување и рушење на потпорниот ѕид, кој пред само петнаесетина дена беше поставен од страна на изведувачот на комплексот „Порта Пролет“.
Надлежните задолжени за надзорот на изградбата на овој комплекс велат дека уште во саботата навечер дошло до пукање на водоводна цевка на улицата „Козјак планина“, а водата што истекувала одела директно во темелите на потпорниот ѕид. За ваквата состојба испратиле известување до Општината и до СВР- Штип, но водоводната цевка била санирана дури во понеделникот. Презаситеноста на земјиштето со вода денеска предизвикало пукање на уште една цевка, што е причина за рушење на дел од ѕидот.
– Знаевме дека ќе дојде до ова. И покрај сите апели никој не нè послуша и се продолжи со копањето. Не знаеме што ќе правиме, цел ден сме и без вода за пиење – изјави жител на оваа населба, кој сакаше да остане анонимен.
Според жителите, среќа во несреќа било тоа што во моментот немало ниту едно дете на улицата, но се плашат дека во иднина ќе дојде и до пукање на ѕидовите на околните згради и нарушување на нивната статика. Досега жителите не ги посетил никој од надлежните служби и не знаат кога нивниот проблем ќе биде решен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.