| четврток, 6 декември 2018 |

Турново бара нов хоризонт во Европа

Хоризонт Турново е  македонскиот „Мохиканец“ во европските купови и третопласираната екипа во македонското првенство остана да ја брани честа на нашиот фудбал, а утре е пред историска шанса за пласман во третото квалификациско коло во Европа Лигата на УЕФА. На „Филип Втори“ арена од 17.45 часот, почнува втората и последна епизода од пресметката со Хајдук, а ќе се атакува на победа и на анулирање на негативата од 1-2 од Сплит.

Шансите се еднакви, а Турново покажа дека има квалитет да се надигрува рамноправно со Хајдук. Ќе  дадеме максимум за да направиме нов голем успех и да се најдеме во следното коло. Хајдук има млад тим, имаат несомнен квалитет, меѓутоа и им недостига искуство. Хоризонт Турново можеби е дебитант во Европа, но има искусни фудбалери во составот“, вели Али Ѓунеш.
Разрешени се дилемите и околу жолтите картони, турновци признаа дека за првиот меч не биле доволно информирани, а Вареловски и Тенекеџиев можеле да играат и на „Пољуд“, затоа што имаат по два жолти картони. Сега во составот ќе бидат и тие и Блажевски кој е во слична ситуација.
„Признаваме дека не бевме доволно информирани, требаше да се обратиме директно до УЕФА, а ние им верувавме на некои луѓе, кои не советуваа. Сега дефинитивно знаеме дека се паузира со три жолти картони, така што и Блажевски, Вареловски и Тенекеџиев, имаат право да настапат“, признаваи Томислав Тимовски, секретарот на клубот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top