| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија не е приоритет за Литванија

литванијаЛитванското претседателство го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и Турција, но Македонија не е во приоритетите, изјави Ренатас Јушка, литванскиот амбасадор задолжен за Македонија со седиште во Будимпешта, на презентацијата на Програмата и приоритетите за работа за време на претседателството со Советот на ЕУ до декември.

– Приоритетите се нешто што си го зацртувате пред себе во областите каде што мислите дека може да имате напредок. Ние се обидуваме да бидеме многу точни во поглед на нашите приоритети и кога станува збор за приоритетите околу проширувањето, оваа земја не е во нив. Иако ова ќе звучи недипломатски и грубо, ова е сигнал којшто ние се обидуваме да ви го испратиме  затоа што сме загрижени, не гледаме напредок во многу области, можеби и во повеќето. Списокот на нашите грижи е голем и долг – рече амбасадорот Јушка пред челновите на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања.

Според него, станува збор за очекувањата на земјите-членки на ЕУ Македонија да постигне некаков напредок во поглед на слободата на медиумите, владеењето на правото, борбата против корупцијата, изборните реформи или, пак, резултатите од комисиите.

Антонио Милошоски, претседател на собраниската Комисија за надворешна политика, посочи дека согласно целите на Литванското претседастелство да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување и да се води според критериумите на поединечните остварувања на кандидатите, подвлече дека Македонија е земја-кандидат од 2005 година, а од 2009 секоја година има и препорака за почнување на преговорите за членство. Го нагласи и проблемот со името, кој иако не е дел од Копенхашките критериуми е пречка на патот на евроинтеграцијата во ЕУ.

– Македонија полага големи надежи во литванското претседателство бидејќи по вас со ЕУ ќе претседава Грција и ние не сме оптимисти кога станува збор за грчкото претседавање. Нашето искуство изминативе 20 години ни дава основи да не бидеме оптимисти, бидејќи кредибилитет е зборот што најмногу ѝ недостига на Грција во нејзините политики кон регионот, а дел и во политиките на ЕУ. Затоа апелираме на посериозен начин за вашето претседателство да се направат напори од вас и од институциуите на ЕУ Грција да биде мотивирана на највисоко политичко ниво да седне на масата со Република Македонија и да го отвориме дијалогот за којшто две децении се избегнуваме едни со други – рече Милошоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top