| четврток, 6 декември 2018 |

Фудбалската федерација бара нулта толеранција за насилство на терените и трибините

Фудбалската федерација на Македонија нема да толерира инциденти, насилство и разгорување на национална, верска и секаков вид омраза на фудбалските терени. Со соопштение до јавноста од ФФМ ги презентираа измените во правилникот на натпреварување.

 

„Фудбалската федерација на Македонија, како општествено одговорно здружение, се залага за покренување на свеста за борбата против национализмот и насилството, како и против дискриминација од кој било вид. Како фудбалско управувачко тело во државата, Федерацијата се надоврзува на платформата на УЕФА за почитување на играта во сите нејзини сегменти. Фудбалската федерација во изминатиот период презеде низа активности во борбата против национализмот и насилството на фудбалските терени. Преку презентирањето на кампањата „100% фудбал“, укажа на потребата за координација на институциите и сите спортски федерации за согласност и единствен став кон решавање на проблемите врзани со насилството и национализмот во сферата на спортот. 

 
Колку Фудбалската федерација на Македонија е сериозна да влијае на ваквите негативни случувања говори фактот што ФФМ пред почетокот на натпреварувачката 2013/2014 година изврши измени и дополнувања на Правилникот за натпревари на ФФМ и се надоврза на платформата и стремежот на меѓународните фудбалски институции за почитување на играта во сите нејзини сегменти. 
 
Според новиот член во Правилникот, во случај на грубо, вулгарно и непристојно скандирање на гледачите и поддржувачите, како и истакнување пароли со неспортска и непристојна содржина, по неуспешен обид да се испразни предметната трибина поради што натпреварот е прекинат по барање на делегатот на првенствен или КУП натпревар, натпреварот ќе се регистрира со службен резултат 3-0 на штета на екипата чии гледачи/подржувачи биле иницијатори за ваквиот прекин.
 
Ако органот за натпреварување утврди дека гледачите/поддржувачи иницијатори за прекинот не се поддржувачи на екипите учесници во натпреварот, односно дека за прекинот придонеле гледачите/подржувачи на двете екипи подеднакво, надлежниот орган може да одлучи да се одигра нов натпревар или прекинатиот да го регистрира со постигнатиот резултат.
Со донесените измени и дополнувања на Правилникот, Фудбалската федерација на Македонија уште еднаш потврдува дека во фудбалот нема место за национализам, нетолеранција и насилство“, стои во соопштението на ФФМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top