| четврток, 6 декември 2018 |

Охрид полупразен, охриѓани сѐ уште се надеваат на шпицот

ohrid kejПроменливото време и нетипично пониските температури во овој дел од годината, очигледно дека не се доволно „примамливи“ за домашните, односно туристите од соседството. Приватните сместувачки капацитети се половично исполнети, а охриѓани со поделени мислења околу шпицот на туристичката сезона, пишува „Охрид њуз“. 

Културно-уметничките работници од стариот дел на градот, кој е доста фреквентен во текот на летниот период, истакнуваат дека оваа година забележително е отсуството на туристи од балканските земји, чиј број е драстично намален.
Занаетчиите чии дуќани се наоѓаат во охридската чаршија велат дека за разлика од минатата година, странските туристи од европските земји се побројни, но во строгиот центар се чувствува отсуство на домашни посетители.

– За разлика од минатата година, странските туристи се побројни и има доста заинтересираност за нашите ракотворби.  По она што можеме да забележеме, недостасуваат гостите од внатрешноста, а причините можат да бидат различни, како лошата економска и финансиска состојба на македонските граѓани – велат од ателјето „Фармакоски“.

Охриѓани што возат со кајчиња долж крајбрежјетокои најдобро можат да ја оценат состојбата. Тие потенцираат дека во деновите кога временските услови се добри, услугите кои тие ги нудат се доста интересни за странските посетители.

– Не смееме да се пожалиме, колку-толку успеваме да заработиме за живот во летниот период. По наша проценка, угостителските објекти во централното подрачје се исполнети во вечерните часови, па генерално може да се каже дека има некоја раздвиженост. Претежно тоа се странски гости и нашинци кои се враќаат во родната земја. Да се надеваме дека времето ќе се поправи, па така ќе има за сите – потенцираат охриѓани.

Економскиот „билтен“ на помалите маркети во периферните делови на градот најмногу зависи од домашните туристи кои најчесто престојуваат во сопствените викенд-станови.

– Деновиве почнаа да пристигнуваат „комшиите“ од внатрешноста кои ги познаваме, но во разговор со нив, повеќе ќе останат само на неколку денови, па заминуваат во соседна Грција. Нормално, прометот е намален во споредба со минатите години, но сѐ уште е рано да зборуваме дали ова ќе биде полоша година од ланската – вели вработен во еден охридски маркет.

Дали оваа година ќе биде полоша од претходната останува да се види во шпицот на туристичката сезона, кој сѐ уште не е почнат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top