| четврток, 6 декември 2018 |

Откриена азурно сина планета на која паѓа стакло наместо дожд (видео)

blue-planet-2-670x440-130711Откриена планета со азурно сина боја, што кружи околу ѕвездата оддалечена 63 светлосни години, што е прв пат научници да можат да констатираат вистинска боја на планета надвор од нашиот Сончев систем, известуваат НАСА и Европската вселенска агенција. Според астрономите се работи за планетата наречена ХД 189733б, гасовен џин, на која дуваат ветрови со брзина од 7.200 километри на час и владее дневна температура од 1.093 Целзиусови степени, што значи дека е можно на неа, поради силните ветрови од страна да паѓа течно стакло.

Сината боја не потекнува од океан, како што е случај на Земјата, туку поради магловитата атмосфера  полна со ветрови, која содржи облаци на големи висини, прошарани со силикатни честички. Силикатот кој се кондензира во топлината, може да формира многу мали капки стакло кое свети со сина светлина, наместо со црвена.

НАСА со помош на телескопот Хабл, ја откри планетата во 2005 година, но дури сега на основа на истражувањето, може да се утврди дека планетата е со темно сина боја.

За да ја откријат бојата на планетата, астрономите мереле како светлината се рефлектира од нејзината површина. Го користеле телескопот Хабл за планетата да ја набљудуваат пред, за време и по поминувањето покрај ѕвездата околу која кружи.

-Видовме како светлината на целиот систем паѓа на синиот дел на спектарот кога планетата поминуваше зад ѕвездата. Од тие податоци, можеме да заклучиме дека планетата е со сина боја, затоа што сигналот остана постојан и во други бои кои ги меревме- објаснува Том Еванс, од Универзитетот Оксфорд.

Планетата е оддалечена само 4,6 милиони километри од ѕвездите, поради што има синхрона ротација, што значи дека кон матичната ѕвезда е завртена секогаш само една страна од планетата, додека другата секогаш е во темница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top