| четврток, 6 декември 2018 |

Алфа го откри проектот „Мрежа“: СДСМ ја запоседна власта „тимски – од чистачка до министер“ (ВИДЕО)


Од мрежа за уривање режим – до мрежа за вработување. Партиски вработувања според списоци што се правеле на седници на општинската организација на СДСМ на Кисела Вода во февруари, март, април и јуни, открива ТВ Алфа. Станува збор за вработувања во Општината, училиштата, градинките, како и јавните претпријатија Комунална хигиена и Македонски шуми.

Списоците се правени врз основа на неколку критериуми, и тоа: колку лицата дале свој придонес во т.н. борба против режимот, важно било да бидат дел од проектот „Мрежа“ што СДСМ го промовираше како проект на заедничко делување додека беа во опозиција. А, приоритет имале лица со средно образование, односно, според признанието во еден од записниците: „какви што се 90 проценти од лицата на списокот“.

Алфа нема да ги открива имињата на вработените, заради заштита на нивната приватност, но ги има нивните точни податоци. Само на една седница, било договорено вработување за 8 лица во Општина Кисела Вода, 6 членови на управни одбори во училишта во таа општина, потоа хигиеничарки, воспитувачки во градинки, како и едно вработување во Македонски шуми.

Од ТВ Алфа успеале телефонски да добијат еден од вработените во локалната самоуправа. Во интерес на откривање на вистината се претставиле како луѓе од централата СДСМ. Вработениот потврдил каде работи па дури и кажал колку е задоволен од работата.

-Тука сум во комунална инспекција, задоволен сум, само платата не е висока, вели вработен, член на СДСМ.

Алфа побара одговор и од општината, со точните имиња на осумте лица. Од нив Кисела Вода, ги потврдила информациите за тројца, останатите не биле вработени таму.

Прашале и директно и во Комунална хигиена, но оттаму не одговориле.

-Немаме официјален став. Не можеме да потврдиме, одговориле од Комунална хигиена.

Ова се само дел од вработувањата по теркот на списоците од општинската организација на СДСМ на Кисела Вода. Следат уште скандалозни податоци.
Иако црните тефтери за вработување што ги пишувале ексминистри од минатата власт – беа жестоко критикувани од актуелната – како тогаш се објаснуваат овие списоци?

– Свесни сме дека ако сакаме да влеземе на власт, ќе влеземе тимски, од хигиеничар до министер, и така во секој ресор од државата, и така имаме намера да ја водиме Република Македонија.

Оваа изјава премиерот Зоран Заев ја даде многу пред да седне во фотелја. Зошто партиските вработувања требаше да бидат, но не се минато – како што вети СДСМ?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top