| четврток, 6 декември 2018 |

Судот во Стразбур ја одби тужбата за цените на парното во Македонија

radijator parno

Сметките за парно греење не паднаа ниту во Судот во Стразбур, пишува „Дневник“.

Европскиот суд за човекови права ја одби жалбата на скопјанецот Стрезо Стрезовски, кој се жалеше дека му се нарушени основните човекови права и слободи од страна на jавната власт во земјава и Регулаторната комисија за енергетика (РKЕ). Тој, како што напиша во жалбата, од Судот бараше заштита бидејќи со Правилата на РKЕ е присилен, спротивно на својата волја и на дискриминаторски начин повторно да ги користи услугите на дистрибутивниот систем за топлинска енергија, а ако го одбие тоа, неограничено долго да плаќа паричен надомест за „ангажирана моќност“. Во одлуката нема конкретно образложение, но според познавачите, Судот нема да расправа за жалбата на Стрезовски бидејќи најверојатно не се исцрпени сите правни лекови во земјава или, пак, не поминале 6 месеци од последната домашна судска одлука.

– Земајќи ги предвид сите достапни материјали и во границите на својата надлежност, Судот оцени дека критериумите на допуштеност што се дефинирани во членовите 34 и 35 од Kонвенцијата не се исполнети. Оваа одлука е конечна и не може да биде обжалена ниту пред Големиот совет, ниту пред кој и да е друг орган. Секретаријатот не ќе може да Ви дава натамошни објаснувања во врска со одлуката на судијата-поединец. Оттука произлегува дека Вие нема да добиете од судот други дописи во врска со овој предмет. Во согласност со упатствата на Судот, вашиот предмет ќе биде уништен во рок од една година – стои во известувањето од Судот што деновиве го доби Стрезовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top