Драги Сетинов и Петар Башиќ испаднаа слаби прогнозери и лоши советници на Хајдук пред дуелот од второто квалификациско коло за пласман во Лига на Европа, меѓу тимот од Сплит и македонскиот претставник Хоризонт Турново.
Поточно, турновци со одличната поставеност на теренот и со машка и борбена игра ги демантираа нивните тези дека нашиот тим ќе биде лесен плен за Хајдук. Не само што синоќа не беше така во Сплит, туку гостите можеа и да извлечат поповолен резултат од 1-2, колку што стоеше на семафорот, по мечот одигран на празниот „Пољуд“.
– Не само што јас не им давам шанси, туку и тие самите не си даваат шанси. Свесни се сите дека среќно ги поминаа Литванците и дека Хајдук е преголема пречка. Тие се задоволни што воопшто ќе играат со Хајдук. Страв им е да не биде голеада, посебно откако слушнаа дека на Задар му дадоа пет гола. Немам видеоснимка, не ми дадоа затоа што знаат за кого ќе биде. Па, и не треба Хајдук да гледа видеоматеријал за да го елиминира Турново – изјави Сетинов за хрватските медиуми пред натпреварот.
Го бараа колегите од тамошните медиуми бидејќи Сетинов има играно за Хајдук. Се покажа дека тој слабо ги познава состојбите во хрватскиот фудбал, каде што не фигурира одамна, па го прецени составот од Сплит. Уште полошо, се покажа и како многу „тенок“ аналитичар на мак-фудбалот, особено со изјавите за квалитетот на играчите на Хоризонт Турново.
– Тие се мал клуб, но сопственикот Орце Тодоров во последно време вложи доста пари и направија исчекор во првенството на Македонија и по првпат во историјата се пласираа во Европа. Имаат двајца опасни напаѓачи, Зоран Балдовалиев и Дејан Блажевски, кои ќе одат во странство штом Турново ќе испадне. Ако нив ги сопрат, половина работа ќе биде завршена затоа што другите играчи се полоши, а посебно голманот Стојан Димовски, кој е низок и посебно лош на прекините. Тука е најголемата шанса на Хајдук – додаде некогашниот стопер на Хајдук.
Сетинов погоди само за Блажевски и Бладовалиев, а се друго утна, па сега останува да им се извини на турновци, ако е вистински спортсмен, каков што беше како активен фудбалер. Хоризонт Турново го нема рејтингот и реномето на Хајдук, но играчите на македонскиот тим се бореа како лавови и апсолутно го демантираа Сетинов, таму каде што требаше, на теренот.
Уште посмешен испадна Петар Башиќ, хрватскиот интернационалец кој игра за литванска Судува. Турновци му ја раскажаа приказната во директен дуел и ги исфрлија од натпреварувањето Башиќ и другарите, во првото коло. Вчера со прикажаното на „Пољуд“, го демантираа и него како и Сетинов. А еве што прогнозираше Башиќ пред првиот меч меѓу Хајдук и Турново.
„Не е Турново некоја екипа. Во Литванија требаше да им дадеме 5 гола по прекини. Последната линија им е спора и убеден сум дека Хајдук ќе им даде 5 комада. Ако игра како против Задар, Хајдук ке ги прегази. Сепак во фудбалот е се можно, ама овде прашањето која екипа ќе оди понатаму е излишно. Нека биде 5-0 и јас ќе славам“, изјави Башиќ.
На крајот Петар остана без славје, како што играчите на Хоризонт го оставија без радост и во двомечот од првата рунда, кога го исфрлија од игра и него и неговите соиграчи од Судува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.