| четврток, 6 декември 2018 |

За да го испере, Канал 5 го пушти Оливер Спасовски „на центрифуга“ (ВИДЕО)

Груевски замина, но повлече нога - чекаме оставки од неспособните „владетели“

Бегството на Никола Груевски му ја запечати политичката кариера на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но Канал 5 ревносно верува дека гостувањето во „Само вистина“ министерот ќе го врати меѓу политички живите.

Иако никој не верува дека поранешен премиер и доскорашен претседател на опозициска партија, кој со месеци е следен од безбедносните служби, ќе успее сам, незабележано да ја напушти државата, Канал 5 му подари цели 60 минути на министерот за внатрешни работи и му даде шанса да се искупи и да ја убеди јавноста во невозможното, а со тоа да ги испере своите гревови за вчерашната јалова и божемна акција и да ја исклучи вмешаноста на полицијата во заминувањето на порашениот премиер.

„Само вистина“ на Канал 5 му овозможи на министерот за внатрешни работи да се огради од политичко-полицискиот режим што го спроведува владата на СДСМ, во која и тој е министер, но и да ги потврди страдувањата на граѓаните дека во оваа држава никому не му е гарантирана безбедност – што поради неспособноста на полицијата, што поради политичкото милје. Спасовски заборави дека Никола Груевски е осуден во политички, а не во судски процес, во нефер постапка и без докази за сторен криминал, па рече дека Груевски е осуден за криминал, а не бил под политички притисок.

-Никола Груевски нема апсолутно никаква друга закана која е политичка или закана по неговиот живот од политички аспект за тој да бара азил. Досега во ниту еден момент ниту Никола Груевски, ниту членовите на неговото обезбедување немаат пријавено во МВР дека некој им се заканува.

Во 60-минутното центрифугирање, Спасовски сподели со јавноста низа тривијални изјави, почнувајќи од тоа дека мајката и сопругата на Никола Груевски во Република Македонија. Вчерашната акција на МВР не беше организирана ниту за пронаоѓање на мајката ниту за пронаоѓање на  сопругата на поранешниот премиер, па оттука нејасна е потребата на Спасовски, министер за внатрешни работи, да ја споредли оваа тривијална информација со јавноста. Не е успех МВР да пронајде некој што не се крие.

-Сопругата на Никола Груевски вчера била дома и им овозможила на припадниците на МВР да извршат проверка, а денеска истото е направено и во домот на неговата мајка. 

Исто така, Спасовски имаше можност да ѝ одржи лекција на Унгарија за владеење на правото, констатирајќи дека во секоја земја може да се случи некој да избега.

-Единствено што сметам дека е исправно е тоа да се одбие барањето за азил и Никола Груевски да биде екстрадиран во Македонија и да ја извршува казната. Тоа е принцип за кој сите ние се залагаме и тоа се европски принципи за кои секојдневно разговараме и во Република Македонија, изјави тој вечерва и додаде дека не само што е чудно, туку е и жално, држава-членка на Европската унија да биде место во кое дошол поранешен премиер на Република Македонија, кој е осуден поради криминал.

„Недозволиво е една земја-членка на ЕУ да дава поддршка на вакви лица.  Никола Груевски нема апсолутно никаква друга закана која е политичка или закана по неговиот живот од политички аспект за тој да бара азил. Досега во ниту еден момент ниту Никола Груевски, ниту членовите на неговото обезбедување немаат пријавено во МВР дека некој им се заканува“, рече Спасовски.

Истакна дека треба да се размисли сериозно во однос на одлуката за азил дали вреди, дали е добро да се носи таква одлука во услови кога не само поради ова кривично дело, не само поради правосилната пресуда, туку и поради тоа што треба да се земе предвид дека против него се водат уште многу постапки во судовите.

После свадба тапани, вели народот, а Спасовски, пак, вели дека штом унгарскиот министр за внатрешни работи Шандро Питер му ја потврдил информацијата дека Груевски е во Будимпешта и бара азил, МВР побарало од судот да се распише меѓународна потерница и ќе се информира Министерството за правда да ги преземе сите потребни акции.

-Додека трае постапката за азил, Никола Груевски не може да биде екстрадиран во земјава, изјави Спасовски.

На Спасовски му беше овозможено да објасни како избегал Груевски, дека судот погрешно ја процелил потребата за обезбедување на лице со мерката притвор.

-На ниту еден граничен премин не е евидентирано дека лицето Никола Груевски легално ја напуштило државата. Има „зелени“ премини преку границата кои не можат херметички да се затворат.

Спасовски потврди дека за да замине некој од државата, мора да има поддршка или од внатре или од надвор, но се апстрахира од одговорноста.

Националната телевизија издели 60 минути во ударен термин за да го пушти Спасовски на центрифуга од 1200 вртежи. Но, некои дамки се потврдокорни од јаловите обиди на Спасовски да ја задржи фотелјата. Груевски замина, но повлече нога – чекаме оставки од неспособните „владетели“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top