| четврток, 6 декември 2018 |

Деркоски: ЈО да покрене истраги по допрен глас за нерегуларностите на денот на референдумот

Јавното обвинителство треба да покрене истраги по допрен глас за нерегуларностите на референдумскиот ден и гласањето во одредени избирачки места, смета претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Во гостувањето во емисијата „Во Центар“, тој кажа дека онаму каде што има сомнителни бројки на излезност, посебно како што беше случајот во oпштина Сарај, не ги потпишал записниците за прием.

-Онаму каде што имате 95-6 проценти излесност на гласачките места, посебно во општината Сарај е индикативно, каде што на повеќето избирачки места е гласањето преку 90 проценти, јас како претседател на ДИК не го потпишав тој записник за прием. И сметам дека јавното обвинителство на Република Македонија, сега веќе има доста допрени гласови, не еден допрен, туку повеќе допрени гласови, доколку увиди дека има потреба, а има веќе и кривични пријави треба да покрене истраги, изјави Деркоски.

Ова според дел од упатените значи дека на Референдумот бројката на реални гласови била пониска.

Инаку, од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Јавното обвинителство беа поднесени кривични пријави за полнење на кутии и други нерегуларности на референдумскиот ден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top