| четврток, 6 декември 2018 |

Митески: Една година откако локалната власт во Аеродром е под раководство на СДСМ и Златко Марин, а разочарувањето на жителите е огромно(видео)

Точно една година откако локалната власт во Аеродром е под раководство на СДСМ и Златко Марин. Разочарувањето на жителите од Аеродром е огромно, ова денеска на пресконференција го истакна Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ ОК Аеродром.

-Памфлетот делен пред локалните избори единствено остана да сведочи за се што беше ветено, а по само една година власт на сите повеќе од јасно им е дека и ќе остане само на ветување. Да се потсетиме што ветуваше Марин:

– Чиста вода и чист воздух – во изминатата година загадувањето на воздухот во Аеродром бележи рекорди, а градоначалникот нема намера да преземе ниту една мерка за подобрување на оваа ситуација.

– Повеќе пари за граѓаните – не само што нема повеќе пари за граѓаните, напротив, има појава на масовно осиромашување на граѓаните преку покачување на цените на скоро сите производи неопходни за задоволување на секојдневните потреби.

– Отворена и услужна општина за сите – ниту еден отворен ден на општината.

– Запирање на градежниот хаос и мораториум за нови градби – сите сме сведоци што се случува во Аеродром со изградбата на нови згради, мораториумот и запирање на градежниот хаос не е ниту на повидок, а Марин воден од тесно партиски и бизнис интереси за само една година овозможи изградба на повеќе од 1100 нови станови во Аеродром

– Гасификација – една од најавените мерки за борба против загадувањето, која за жал поради неспособноста на кадрите на СДСМ нема да дочекаме да се реализира

– Паркинг решение за цел Аеродром и преземање на ингеренциите за паркинзите од Град Скопје – ветување кое Златко Марин не е способен да го реализира, а револтот на граѓаните е се поголем

– Подигање на нивото на комуналниот ред и хигиена – ако пред една година Аеродром беше синоним за општина со перфектна хигиена, за жал денес тоа повеќе не е така. Граѓаните се сведоци на преполни контејнери, ѓубре по улиците и нови депонии. Хигиената станува сериозен проблем во Аеродром.

– Проширување на индустриската зона на потегот Долно-Горно Лисиче – уште една лага на Марин и СДСМ, за уште едно разочарување на жителите на Аеродром.

– Изградба на две нови градинки во Мичурин и Тодор Чангов – ветено, неостварено, а за жал не е ниту на повидок било каква реализација на овој проект.

– Ново средно училиште – гимназија – Аеродром нема да ја види ниту реализацијата и на овој проект, помпезно најавуван од Марин во предизборната кампања.

– Нов дом за стари лица – СДСМ покажа и докажа дека грижата за повозрасните граѓаните не е дел од нивните планови. Повторно како и многупати досега пензионерите се излажани.

– Нова општинска зграда – нереализирано.

– Мултинаменски културен центар – нереализирано.

– Замена на сите азбесни цевки за водоснабдување – нереализирано.

– Нови коридори на булеварите „Февруарски поход“ и „АСНОМ“, два нови моста и нова сообраќајница за поврзување на Аеродром со Кисела Вода – нереализирано.

– Нова амбуланта во населба Лисиче – огромна лага на СДСМ со која предизборно ги бараше гласовите на аеродромци, уште поголемо разочарување од нереализираното ветување. Не е ниту на повидок.

– Затворен зелен пазар – единствено може да се види во памфлетот на СДСМ. Златко Марин можеби и не знае дека има ветено ваков проект, потенцира Митески.

Тој додава и уште многу други ветувања, неостварени од страна на Златко Марин.

-Неработење, лаги и манипулации, ѓубре и негрижа за општината стана синоним за Аеродром. На аеродромци за само една година им стана кристално јасно дека буквално беа излажани од Златко Марин и СДСМ, заврши Митески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top