| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ја потпиша ревидираната Конвенција за филмски копродукции на Советот на Европа

Македонија во почетокот на октомври 2018 година ја потпиша ревидираната Европска конвенција за копродукции во кинематографијата на Советот на Европа, која е усвоена во 2017 година.

Ревидираната Конвенција  е резултат на забрзаниот развој на филмската индустрија во периодот од 1992 година, кога е востановена Конвенцијата, до 2017 година.

Целта на ревидираната Конвенција е да се обезбеди правна и финансиска рамка за копродукциите на филмови кои вклучуваат најмалку три различни копродуценти основани во државите кои се потписнички на Конвенцијата. Конвенцијата може да биде употребена и како билатерален договор меѓу две страни.

Со потпишувањето на ревидираната Конвенција се создаваат формално-правни претпоставки за поголема достапност на странските филмски фондови (фондовите на Еуримаж) за копродуцентите од  Република Македонија, ќе се олесни процесот на реализација на копродукции, а размената на странските искуства ќе има позитивно влијание врз унапредувањето и развојот на филмската дејност во Република Македонија.

Особена придобивка од потпишувањето на ревидираната Конвенција за копродукции во кинематографијата на Советот на Европа е намалувањето на процентот на учество во копродукцијата. Кога станува збор за мултилатерална копродукција, учеството од 10 проценти се намалува на 5 отсто, а кога станува збор за билатерален договор, процентот за учество се намалува од 20 на 10 отсто.

Во тек се активности за изработка на закон за спроведување на ратификацијата на ревидираната Конвенција, кој ќе биде доставен до Собранието на РМ на усвојување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top