На стадионот Стад Де Франс вечерва во организација на Советот на Европа, во рамки на Европското првенство во фудбал, се одржа церемонија на потпишување на ревидираната Конвенција за интегриран пристап за безбедност, сигурност и услуги на фудбалските натпревари и другите спортски настани.
На настанот присуствуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој во името на Владата на Македонија ја потпиша Конвенцијата, која ќе ја замени Европската конвенција за насилство врз гледачите и недолично однесување на спортски натпревари, а особено за време на фудбалски натпревари (ЕТС 120), којашто беше подготвена во 1985 година, по трагедијата на Хејсел.
Целта на оваа Конвенција е да обезбеди безбедна, сигурна и пријатна средина на фудбалските натпревари и другите спортски настани. Ова се однесува на сите поединци, преку спроведување на интегриран пристап за безбедност, сигурност и услуги на спортските настани/натпревари, соопшти Агенцијата за млади и спорт.
За да се гарантира пријатна атмосфера во и надвор од стадионите, Конвенцијата ги обврзува органите на земјите – потписнички на повеќе активности, меѓу кои и поттикнување на јавни агенции и приватни заинтересирани страни (локални власти, полиција, фудбалски клубови и национални федерации, и поддржувачи) да работат заедно во подготовките и водењето на фудбалски натпревари, потоа да се обезбеди дека инфраструктурата на стадионот е во согласност со националните и меѓународните стандарди и регулативи, како и да се обезбеди дека гледачите се чувствуваат добредојдени и добро третирани за време на натпреварите.
Со Конвенцијата предвидени се голем број на мерки за спречување и казнување на акти на насилство и недолично однесување, вклучувајќи забрани за присуство на стадиони, санкции/постапки во земјата каде што делото е извршено, ограничувања на сторителот на патување во странство на фудбалски натпревари.
Спасески изрази задоволство што Република Македонија е една од првите земји потписнички на новата Конвенција и потенцираше дека нејзината примена особено е значајна во пресрет на организацијата на УЕФА Супер купот, чиј домаќин ќе биде градот Скопје, следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија ја потпиша ревидираната Конвенција за филмски копродукции на Советот на Европа
-
Македонските пливачи подготвени за ЕП во Копенхаген
-
Владата на ВМРО-ДПМНЕ изгради 145 училишни спортски сали, доделуваше стипендии и воведе спортска пензија
-
Компаниите веќе ги потпишуваат првите договори за даночно ослободување по инвестирање во спортска федерација