| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: Кузман уапсен за незаконско давање дозвола за копање археолошки локалитети

pasko kuzman 2

Поттикнат од вработен во Управата за заштита на културното наследство, а кој веќе е во притвор за случајот „Фаланга 2“, Паско Кузман, најпознатиот македонски археолог и директор на оваа институција, незаконски издал одобренија за копање на два локалитети – еден на потегот крај патот од Велешко Езеро до Катланово и другиот на т.н. Драмски Рид кај Делчево, соопшти предмалку МВР, по повод утринското апсење на Кузман.

Паско Кузман во моментов е пред истражен судија во Основниот суд Скопје 1, а, како што неофицијално дознаваме, во посебниот извештај на МВР како осомничени се наведени инспекторот во Управата, Звонимир Николовски, и советничката за безбедност на археолошки локлитети Марија Пујаз. Илче Бојчевски, кој наводно го поттикнал Кузман, е веќе во притвор, за случајот „Фаланга 2“.

Според МВР, бидејќи дозволите за ископувања на овие две локации се незаконски дадени (за нив била надлежна друга институција), Министерството е оштетено за 1.200.000 денари, односно 20.000 евра, пари кои полицијата ги потрошила за обезбедување на овие два локалитета, токму по барање на Кузман. Штетата што ја претрпел Буџетот на РМ по основа на патни налози за патувања и други трошоци дополнително ќе се утврдува.

Неофицијално, случајот бил откриен откако на работната маса на Марија Пујаз во Управата била најдена документација за овие два локалитета, по што Јавното обвинителство побарало од МВР да ги приведе овие четворица.

Против Кузман нема пријава за шверцување арехолошки предмети, како што се шпекулираше. Toј утринава беше изнесен со лисици на рацете. Полицајците му ги отстраниле познатите четири часовници на двете раце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top