Од денеска до недела во комплексот ВИП арена Борис Трајковски се одржува 44. Саем на мебел на кој граѓаните ќе можат да ги видат најновите трендови во производството на мебел.
Ќе се претстават околу 70 изложувачи од Македонија, Србија, Косово, Италија и Бугарија со повеќе од 150 брендови.
Годинашниот саем, којшто за првпат се одржува на просторот кај арената „Борис Трајковски“, се протега на површина од 8.000 квадратни метри, а изложувачите се сместени во ВИП арената и во два монтажни мултифункционални енергетско-ефикасни објекта.
– Има многу интересна понуда и изложувачите се потрудија да ги претстават своите експонати во најдобро светло. Интересен е концептот на движење, односно од една страна се влегува, а од друга се излегува и по принципот на ИКЕА систем се посетуваат сите штандови без да биде пропуштен некој изложувач, изјави Сања Кондарко од Групацијата Скопски саем.
Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 20 часот. Цената на влезниците е 100 денари, а за организирани групни посети на ученици билетот чини 50 денари. За прв пат годинава, ќе може да се набави билет и преку „МК тикетс“.
За полесен пристап до саемот, ЈСП Скопје воведе две вонредни автобуски линии со броеви 100 и 200 кои ќе одат до ВИП арената „Борис Трајковски“. Автобусите со број 100 ќе сообраќаат на релација од Ново Лисиче до СЦ „Борис Трајковски“ и обратно, а автобусот бр. 200 ќе сообраќа од Дексион кон СЦ „Борис Трајковски“ и обратно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.