| четврток, 6 декември 2018 |

Во светот на Биби се негува македонскиот јазик

Биби е македонски производ. Сѐ започна од желбата на тимот на Факултети.мк и Деца.мк да создаде лик со кој ќе се поистоветат нашите деца. Така се роди „Бибиленд“. Семејството се прошири и му се придружија илустраторот Михајло Димитриевски (Тхе Мичо) и режисерот Гоце Цветановски.

На приказната за Биби лесно и со задоволство „загризаа“ и драматургот Билјана Црвенковска и актерката Слаѓана Вујошевиќ, која го позајми гласот за нашата Биби.

Од наредната недела очекувајте ги првите изненадувања од Биби. Таа е мало девојче кое зборува литературно. Таа не вели точак, туку велосипед. Најмногу се нервира кога ќе ѝ кажат дека има плави очи. Зашто таа има сини! И сака сите деца да го научат македонскиот литературен јазик. Со помош на сликовници, книги и едукативни видеа ќе им помогне во тоа.

Биби умее убаво да зборува и да објаснува, па може да им помага на другите деца во учењето. Таа е експерт за објаснување математика, физика. Омилена книга ѝ е детската енциклопедија, која од збор до збор ќе им ја раскажува на сите деца.

Децата најмногу сакаат да гледаат цртани филмови, а Биби ќе им ја исполни и оваа желба. Таа е главниот лик во новите анимирани филмови за деца. Биби на свој начин ќе раскажува сказни, на сите деца ќе им покаже како изгледа нејзиниот свет полн со фантазија и убави нешта. Таа и нејзиниот омилен другар Боби ќе доживеат многу авантури и ќе покажат дека пријателството е најважно на светот и дека за добар другар, вреди да се направи сѐ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top