| четврток, 6 декември 2018 |

Родители внимавајте: Се повеќе деца се на лекување поради онлајн игрите „Момо“ и „Бабичка“

Контроверзните онлајн игри кои на децата и тинејџерите им задаваат опасни предизвици, за кои слушавме дека се појавиле во Русија, Аргентина, Мексико, САД, во земјите на Јужна Америка, а се проширија во Франција, Германија и во другите европски држави, стигнаа и кај нас. Психотерапевтот Ивана Хаџиванова преку социјалните мрежи упати апел до сите родители на мали деца да внимаваат и строго да ги контролираат содржините кои ги гледаат децата на Јутјуб, бидејќи три деца веќе побарале стручна помош од неа за да ги надминат последиците од времето минато со телефон и таблет. Трите дечиња биле “заразени” со контроверзната онлајн игра – “Грени (бабичка)” и „Момо”, кои се распространети преку апликацијата Ватсап.

– Веќе трето детенце доаѓа кај мене за третман на интензивен генерализиран страв, страв од смрт на родителите, вознемиреност, загриженост, сепарациона анксиозност, опсесивна мисла врзана за ликовите од играта, кошмари и регресивно однесување поради овие игри! Децата кои претходно не се плашеле да спијат сами и се движеле во темница, сега се плашат. Бараат да спијат со своите родители и се во константен страв и исчекување дека од некој ќош од куќата ќе бидат нападнати од виртуелните ликови од овие крајно несоодветни хорор игри за детска возраст, изјави и за весникот Вечер, Хаџиванова која е основач на Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација “Неокортекс”.

Вели дека страшните и вознемирувачки ликови јасно се видливи и проектирани во детските цртежи и за жал ја нарушуваат детската безгрижност.

– Ова се крајно вознемирувачки хорор игри кои ги гледаат децата и добиваат пораки за остварување на предизвик од типот “Убиј ги своите родители”. Апелирам до сите родители за поголема контрола врз децата и користењето на телефоните, таблетите и Ју тјуб!, вели психотерапевтката Хаџиванова.

Британскиот таблоид Дејли мејл пренел и наводно интервју кое креаторот на играта “Син кит#, 21-годишниот Русин Филип Будејкин го дал за руските медиуми. Тој во тоа интервју наводно вели дека неговите жртви се “биолошки отпад” и дека истите биле “среќни што ќе умрат” и дека на овој начин тој едноставно го “прочистувал општеството од отпадот”.

– Не грижете се, сето тоа ќе го сфатите. Тие умираа среќни. Јас им го дадов она што им требаше во реалниот живот, топлина, разбирање и поврзаност, пренесува “Дејли мејл”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top