| четврток, 6 декември 2018 |

Срѓан Јаниќијевиќ го режира отворањето на 39. фестивал „Браќа Манаки“

Подготвките за гала отворањето на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Центарот за култура во Битола се при крај. Градот веќе се полни со филмаџии и почнува да дише со фестивалот.

За гала отварањето на фестивалот на 22 септември ќе се одржи и перформанс во режија на познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќијевиќ. Објаснуваќи го концептот, тој ги поставува прашањата: Што е филм? Сон, огледало во кое се огледува нашата есенција или забава? Најорганизираниот бизнис кој го создаваат лудаци?

„Тука во Битола кога една империја била во пелени, а друга на смртна постела двајца браќа, купуваат машина што произвдува магија. Машина што ја зграпчува стварноста. Шаховска игра со жива војска. Снимено лудило на дементен ѕвер.
И еве не’ сега тука на фестивал посветен на тие луцидни браќа. И како што вели Кјубрик: „Филмот е – или треба да биде – повеќе како музика отколку како фикција, прогресија на атмосфери и чувства. Темата, што е позади емоцијата, смислата, сето тоа доаѓа подоцна“. Така и ние, низ едноставен, минималистички пристап сакаме да ве прошетаме низ сонот на филмот, низ чувствата што што сме ги поминале, и оние кои допрва ќе следат. Да ја растуриме и одново создадеме сложувалката на филмската магија. Да и се насмееме и расплачеме на онаа уметност што не смее и расплакува“, вели режисерот Јаниќијевиќ.

Во перформансот учестуваат Јелена Јованова и Ивана Коцева, музиката е на Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, пијано: Дуња Иванова, стихови: Јовица Ивановски,
светло: Илија Тарчуговски, костимограф е Лидија Георгиева.

По свеченото отварање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, во чест на годинешниот лауреат на Златна камера 300, оскаровецот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“.

Комуникациски партнер на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, која стои зад креативниот концепт „Hats off“ (Симнуваме капа) и визуелниот идентитет на Фестивалот, чијашто инспирација потекнува токму од почитта кон сите филмски уметници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top