| четврток, 6 декември 2018 |

Деветгодишно дете кое боледуваше од рак на мозокот беше ѕвезда на пливачкиот митинг во Штип! (видео)

Повеќе од 150 дечиња родени помеѓу 2004 и 2012 година од најдобрите клубови во Македонија настапија на денешниот пливачки митинг, кој се одржа во знак на одбележувањето на јубилкејот 65 години пливање во Штип, а најголема ѕвезда меѓу присутните дефинитивно беше деветгодишниот Давид Домазетовски од Битола.

Станува збор за момче со преживеан рак на мозокот, кое и покрај последиците од тешката болест како забавена моторика на движење, успеа да ја преплива патеката од 50 метри со слободен стил. Со голема упорност, метар по метар, Давид ја совлада патеката на огромна радост на сите, но пред се на неговите пресреќни родители, кои пред две години се соочија со борбата со ракот кој го нападна нивниот син. Со огромна волја, тој ги надминал сите тешкотии и беше најголемиот победник на митингот без разлика што не заврши како првопласиран.

Покрај него, најголемо внимание предизвика најмладата учесничка, Лена Милошевска од Скопје, која со само пет ипол години бестрашно се втурна во борба со постарите ривали. Таа настапи во трките на 50 метри слободно и градно, каде што заврши на второто место. За неа ова е дури четврти митинг на кој настапува, пливањето е нејзина најголема љубов, а тренерите велат дека има талент дури и за највисоки достигнувања.

Митингот „Челични куп 2018“ беше прв пливачки натпревар во Штип по пауза од дури четири децении, а главен „виновник“ за тоа беше клубот Челични, кој најавува традиционално одржување секоја година.

Фото и видео: Телевизија Стар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top