| четврток, 6 декември 2018 |

Клаудија Кардинале доаѓа во Битола: „Браќа Манаки“ и ја додели специјалната златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност

Италијанската и светска актерка, филмска дива, легендарната КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ е лауреат на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за 2018 година.

Клаудија Кардинале е Италијанка родена во местото La Goulette, во Тунис (1938), студирала во „Paul Cambon School“ со намера да стане наставничка. Но, на 19-годишна возраст победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“, освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција и го го добила првиот филмски ангажман. Нејзиното деби била една помала улога во GOHA (1958) заедно со Омар Шариф. Таа станува особено позната во Италија по славниот филм на Федерико Фелини ROCCО AND HIS BROTHERS (1960). Во годините што следат, Клаудија Кардинале ги снимила некои од најважните филмски остварувања во историјата на светската кинематографија. На 25 годишна возраст, во 1963 година, таа ги снима филмовите LEOPARD на Лукино Висконти и „8 1/2“ на Фелини, два ислучително значајни филмски класици. Но тука е и познатиот CARTOUCHE со Жан Пол Белмондо. Нејзината импозантна филмографија  бележи повеќе од 175 улоги во филмови, телевизиски серии и краткометражни филмови, но Кардинале е неуморна и вљубена во филмската уметност, па нејзиот најнов филм  PICCOLINA BELLA (2017) е во постпродукција. Во 1963 година нејзината уникатна актерска игра и маракантна појава ги преминува границите на Италија и Кардинале станува светска ѕвезда по улогата во PINK PANTHER. Следните неколку години таа се сели во Холивуд каде ги снима  BLINDFOLD (1965), LOST COMMAND (1966),  THE PROFESSIONALS (1966), THE HELL WITH HEROES (1968) и култниот епски вестерн на Серџо Леоне ONCE UPON A TIME IN THE WEST (1968), американско – италијанска копродукција со Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.

Во нејзината долга и богата кариера, Кардинале глумела покрај филмските партнери како Марчело Мастројани, Франко Неро,  Берт Ланкастер, Шон Конери, Рок Хадсон, Ален Делон, Енони Квин, Џон Вејн и Дејвид Нивен, да спомнеме само некои од нив.

Не сакајќи да стане холивудско клише, Клаудија повторно се враќа во Европа каде ги снима  IL GIORNO DELLA CIVETTA (1968), за кој ја добива наградата „David di Donatello“ за најдобра женска улога и A GIRL IN AUSTRALIA (1971). Во 1974 година го среќава режисерот  Паскал Сквитијери се мажи за него и често игра во неговите филмови.

За филмот CLARETTA (1984) ја освои наградата „Pasinetti“ за најдобра женска улога на Филмскиот фестивал во Венеција, а во 1994 година го добива Златниот лав за животно дело. Ја славеле и фестивалите во Кан и Берлин.

Во 2011 година беше прогласена за една од 50- те најубави жени во филмската историја. Клаудија Кардинале во својата исклучително богата кариера има освоено над 35 награди и призанија на значјани светски филмски фестивали. Во 2016 година, официјалниот постер на филмскиот фестивал во Кан беше со ликот на Калудија Кардинале. Таа е позната како борец и активист за женските права и од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

На втората прес-конференција посветена на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, која се одржа денеска во Центарот за култура во Битола, директорката Гена Теодосиевска го објави името на добитничката на Специјалната Златна камера 300 за особено придонес во светскта кинематографија – големата италијанска и светска актерка. Таа ќе пристигне во Битола на отворањето на фестивалот кога ќе ѝ биде доделена наградата.

-Се заложив на фестивалот да донесам едно значајно име од филмската уметност, филмска дива која е се’ уште активна и со голем успех се појавува во поновите европски, но и холивудски проекти, актерка на која фестивалот во Кан, минатата година, и’ оддаде почит ставајќи го нејзиниот лик на фстивалскиот плакат, рече Теодосиевска.

Таа информираше дека подготовките за фестивалот.

-И годинава фестивалот достојно ќе ја исполни својата функција, да ја промовира нашата култура, уметност и традиција, да едуцира и да приложи нови концепти на светската филмска уметност како премиерни изданија во Македонија, рече Теодосиевска.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ги поздрави претставниците на Фестивалот и истакна дека во пресрет на 39 – тото издание на „Браќа Манаки“, Битола се гордее со него и тој претставува значаен белег на градот.
Алесио Ликуори, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на Република Италија во Македонија, рече дека е како Италијанци се повеќе од горди што наградата годинава и’ е доделена на Клаудија Кардинале која е уметнички, но и женски симбол со кој се гордее италијанската и кинематографија и култура.

Уметничкиот директор Благоја Куновски Доре ги објави имињата на членовите на меѓународното жири кои ќе ја вреднуваат работата на кинематограферите во главната селекција и ќе одлучат за добитниците на престижната награда Златната, Сребрена и Бронзена Камера 300. Се работи за врвни професионалци: Olympia Mytilinaiou, кинематографер (Грција) – претседател, Rainer Klausmann, кинематографер (Швајцарија) – член, Ѓорче Ставрески, режисер (Македонија) – член, Mattias Troelstrup, кинематографер (Данска) – член и Rebecca Fayyad Palud, агент (Франција) – член.

-Се работи за угледно жири, кое го составивме по принципот на познати светски, но и наши филмски имиња и кое ќе биде на исклучително високо ниво, рече Куновски.

ИФФК „Браќа Манаки“ годинава ќе одбележи два филмски јубилеи: 100 години од раѓањето на големиот Ингмар Бергман, еден од најдобрите режисери на сите времиња и 60 години од премиерата на македонскиот филм „Мис Стон“. Овие одбележувања ги организира Кинотеката на Македонија, која 39 години е партнер на Фестивалот, како што рече директорот Владимир Ангелов.
-Филмовите на Бергман се’ уште живеат во кино салите и на телевизија, неговите дела се уште се предмет на анализа на теоретичарите, а има и уште еден не толку познат податок за Бергман, а тоа е дека имал значајна улога во сферата на архивирањето на филмските дела. Во негова чест ќе го прикажеме еден од најдобрите светски филмови „Персона“ (1966).
Што се однесува на „Мис Стон“ тоа е еден од најуспешните македонски филмови на кои постарите можеби се сеќаваат, но не и помладите генерации и од тие причини ќе го прикажеме во прекрасниот амбиент на Магаза во Битола, што ќе бид епридружено со една интересна изложба низ која ќе раскажеме приказната за овој филм од идеја до неговите успеси, рече Ангелов.

На прес конференцијата премиерно беше прикажан и фестивалскиот спот, кој го изработи режисерот Вардан Тозија во соработка со агенцијата Меккен од Скопје и Вертиго визуел, како и со младите соработници од ФДУ од Скопје.

Комуникациски партнер на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, која стои зад креативниот концепт „Hats off“ (Симнуваме капа) и визуелниот идентитет на Фестивалот, чијашто инспирација потекнува токму од почитта кон сите филмски уметници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top