На само еден месец до почетокот на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола, подготовките влегуваат во својата завршница. И на овој фестивал публиката може да очекува исклучително квалитетна филмска програма и големи имиња на светската кинематографија, кои ќе бидат гости во Битола.
Годинава зголемен е бројот на програми во вкупен број од 14 и проширен е кругот на селектори кои ги обликуваат програмите: со Гена Теодосиевска, годинава во изборот на документарната програма соработуваше и Марија Џиџева; режисерите Даријан Пејовски и Марија Апчевска се селектори на кратките филмови кои се натпреваруваат за Малата златна камера 300, како и филмскиот критичар Слаѓан Пенев, кој ги селектираше филмовите во програмата „Перспективи на европскиот филм“.
Новина е програмата „Филмски класици – Полноќен јавач“, која вклучува филмови од светската филмска антологија, за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано. Селектор на програмата е италијанскиот режисер, кој живее во Битола, Микеле де Анѓелис, а која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови.
Во главната програма пак, се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, што ја фасцинираа публиката и критиката, во селекција на Благоја Куновски – Доре.
-Оваа година, особен акцент и фокус ќе биде ставен на студентската програма, која ја промовиравме последниве две години. Студентите веќе не служат само како декор на фестивалот, тие се активни учесници и имаат свое место во фестивалската програма. Годинава ќе имаме студенти од 15 филмски академии, најмногу до сега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови, по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори, кои со нив ќе ги споделат своите искуства. Оваа програма, на која инсистирав по моето назначување за уметнички директор пред две години, ја координира и ја развива Ѓорѓи Пулевски, вели Гена Теодосиевска, директорката на Фестивалот.
И оваа година ќе биде изработен фестивалскиот промотивен видео спот, под режисерската палка на Вардан Тозија, а во соработка со комуникацискиот партнер на ИФФК „Браќа Манаки“ – агенцијата „Меккен“ и со „Vertigo Visual“.
-Повеќе информации како името на ѕвездата на Фестивалот, добитниците на другите престижни награди и филмските наслови ќе бидат објавени наскоро, велат организаторите.
Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските професионалци на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина),а во соработка со градот- домаќин Битола и Кинотеката на Македонија. Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата МАНАКИ: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964, кому воедно годинава му одбележуваме и 135 години од раѓањето). Со тоа биле удрени темелите на идниот фестивал, во градот под Пелистер, Градот на конзулите – Битола, каде што браќата Манаки имале фотографско студио и кино.
На почетокот замислен како Манакиеви средби, а потоа и фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, фестивалот растеше со голем потенцијал, а по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 септември 1991, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалскина гради: Златната, Сребрената и Бронзената камера 300.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ до Лабина Митевска: Изненадени сме од незадоволството искажано во медиумите од страна на продуцентката
-
Филмот „Забава“ на Сали Потер и кинематограферот Алексеј Родионов пред битолската публика
-
Францускиот кинематографер Пиер Лом е добитник на Златна Камера 300 за животно дело на „Браќа Манаки“
-
Претставено жирито на 37. издание на фестивалот „Браќа Манаки“