| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Забава“ на Сали Потер и кинематограферот Алексеј Родионов пред битолската публика

Сали е исклучително организирана и работи напорно, дури и никогаш не седнува и нема свое столче на сетот! – вели Родионов

На последниот фестивалски ден на „Браќа Манаки“ прес конференција имаше кинематограферот на филмот „Забавата“ во режија на Сали Потер, Алексеј Борисович Радионов.

Филмот „Забавата“ во режија на Сали Потер е британска комедија снимена од страна на   рускиот кинематографер Алексеј Родионов. Филмот е црно бел, но постои и снимка во боја, а Родионов вели дека не може да се одлучи која верзија е дефинитивно подобра – некои сцени изгледале подобро во црно-бело, а некои пак во боја. Актерите се снимани од блиску, со камера која ја држи во рака со цел да се долови драматиката на дејството.

Родионов говореше и за соработката со режисерката и начинот на снимањето на филмот.

– Со неа уште од почетокот имаме одлична соработка, таа е прекрасна личност, многу е љубезна – што е редок квалитет. Сали е исклучително организирана и работи напорно, дури и никогаш не седнува и нема свое столче на сетот! – вели Родионов, додавајќи дека познавањето на Сали Потер за техничкиот дел за работата, ја олеснува соработката.

Иако доаѓа од Русија, Родионов вели дека неговата смисла за хумор е слична со онаа на Британците, па одлично се вклопил со британскиот тим за време на снимањето.

-Мора  да кажам дека Британците се генерално многу поорганизирани од Русите кога се работи за снимање на филмови– рече Родионов.

Тој го изрази своето задоволство што гостува на фестивалот „Браќа Манаки“.

-За прв пат сум во Битола, многу ми се допаѓа гостопримливоста на луѓето. Ова е еден уникатен фестивал кој е посветен на кинематограферите и нуди одлична можност луѓето од нашата фела да се соберат на едно место и да комуницираат, бидејќи секогаш се во втор план на другите фестивали – рече Родионов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top