| четврток, 6 декември 2018 |

Претставено жирито на 37. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

ИФФК „Браќа Манаки“ на денешната прес-конференција ги претстави пред јавноста годинашните членови на жирито, светски истакнати кинематографери и филмски критичари. Жирито во состав на четворицата сниматели: Федон Папамихаел, Клер Пијман, Ѓокан Тиријаки и Владимир Самоиловски и филмската критичарка Алин Ташчијан го претстави директорот Благоја Куновски – Доре.

За принципот по кој ќе ги оценуваат филмовите, сите членови на жирито се согласија дека иако кинематографијата е нивна специјалност, визуелниот елемент на еден филм не може да биде пресуден за нивната одлука бидејќи не може да се цени одвоено од целината на филмот.

Членовите на жирито изјавија дека се почестени од можноста да соработуваат меѓусебно особено на ваков уникатен фестивал кој е еден од двата фестивали на светско ниво, кои што акцентот го ставаат на снимателите.

-Очигледно ова е уникатен фестивал со богата историја, кој донел елитни гости од светската сцена, а воедно и еден од двата фестивала во светот што им се посветени на снимателите. Ние како сниматели ретко добиваме шанса да се собереме и да дискутираме за нашата работа и да разменуваме искуства за иднината на филмот – рече Федон Папамихаел.

Клер Пијман од Холандија,  рече дека одвај чека да ги погледне филмовите и да дискутира за нив со колегите од жирито.

Алин Ташчијан, филмска критичарка од Турција и претседателка на влијателната меѓународна асоцијација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, која до сега била членка на жиријата на многу истакнати фестивали, вели дека сликата е првото нешто што го забележува во филмот.

-Никој подобро од снимателите не знае што се случувало зад сцената при снимањето и тоа со еден поглед кон филмот. Со оглед на тоа што се наоѓаме во важен момент за историјата на филмот, во еден премин, заради брзиот развој на технологијата на снимање, која, од ден на ден се менува, од исклучителна важност е снимателите да им го пренесуваат своето знаење на помладите генерации со цел да се изградат нивните вкусови за вредноста на филмот – рече Ташчијан.

Владимир Самоиловски, еден од најистакнатите македонски сниматели, рече дека му претставува голема чест да седи во ваков состав на жири, особено што го следел фестивалот уште пред 40 години кога почнал да работи како  снимател.

Во тек на фестивалот ќе се одржи и генералното собрание на Европската федерација на сниматели – ИМАГО, во која што членуваат околу 50 меѓународни здруженија со повеќе од 4.000 сниматели од сите краеви на светот. На прес-конференцијата беа присутни новиот претседател на ИМАГО Пол Роестад, кој го замени Најџел Волтерс, долгогодишен соработник на фестивалот „Браќа Манаки“ и генералниот секретар на ИМАГО.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top