| четврток, 6 декември 2018 |

Таткото на Саздовски пред МВР: Да нема местенки, правдата да излезе на виделина (ВИДЕО)

„Комитите“ бараа правда за Саздо, потсетувајќи дека секој човечки живот, сечие дете, па и она на полицијата која со кордони се обидуваше да ги блокира се под опасност да ги снајде истата судбина. Бараа од полицијата почесто да „покажува сила“ во Чаир, на Битпазар и Јајапаша, наместо силата да ја употребуваат само онаму каде протестираат тие или друг мирен народ. Побараа и јавното обвинителство итно да ја промени правната класификација за делото од „насилство“ во „убиство“, инаку ветија радикализирање на протестите. Побараа МВР да работи неселективно и да ги спроведува законите во целост, но и да ги заштити нив како навивачка група наместо да ги гони

Револтот е огромен, но со ваша помош правдата ќе излезе на виделина. Да нема местенки, рече таткото на Никола Саздовски, кој се обрати пред демонстрантите на протестниот марш на „Комитите“.

-Овие луѓе позади нас не ни се непријатели, така им е наредено. Ние можеме да влеземе во судир со нив, но тоа нема да биде воопшто правилно. Бидејќи ние овде бараме правда за Никола, додаде тој.


Претходно и Отецот Ивица Тодоров се обрати пред Основното јавно обвинителство и порача дека со соодветната казна за сторителите ќе се спречи идно пролевање крв на младите во Македонија.

– Тука сме собрани со една мисла. Повеќе во Македонија да нема невини жртви, да нема убиства по македонските улици без разлика од која страна доаѓаат – рече тој. Тодоров додаде дека од овој протестен марш Македонците покажале дека имаат достоинство и почит и оти тоа го бараат и од другите.

Правда за прерано починатиот член на „Комити“, 21-годишниот Никола Саздовски, кој по неколкудневна кома предизвикана по физичкиот напад врз него од страна на три лица им подлегна на повредите, побараа на вечерашниот протестен марш членовите на оваа навивачка група и другите присутни граѓани, со цел, како што рекоа вакво нешто да не се повтори.

Учесниците на маршот побараа институциите да си ја завршат својата работа професионално, да ги најдат и казнат оние кои го претепаа до смрт Саздовски, за, како што рекоа, никогаш повеќе да не се случуваат убиства по македонските улици.

Протестниот марш почна на плоштадот во Автокоманда. Оттаму, учесниците се упатија кон Основното јавно обвинителство, каде запалија и свеќи за помен на починатиот Саздовски. Маршот треба да заврши пред МВР.

За нив 700 – баталјон полиција! (ФОТО)

 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, запрашан дали МВР го пронашло третиот напаѓач на Саздовски кој беше претепан до смрт и дали е пронајдено возилото „мерцедес“ од кое излегле напаѓачите, посочи дека возилото и идентитетот на двајца од напаѓачите е утврден уште истиот ден.

– За третиот напаѓач веќе имаме конкретни сознанија и очекуваме многу скоро тоа да се случи – рече Спасовски и појасни дека кога ќе имаат можност да го обезбедат ќе го обезбедат и ќе информираат за тоа.

Саздовски бил претепан на автобуска постојка во Автокоманда, пред десеттина дена, по што бил хоспитализиран во Клиничкиот центар каде им подлегнал на повредите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top