| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска се слави чудотворецот кој лекувал, подарувал камбани на манастири…

Преподобниот Наум Охридски – Чудотворец има два празника, едниот е во зимскиопт период и се празнува на 5 јануари/23 декември, а другиот во летниот период на 3 јули/20 јуни. Поради тоа што во зимскиот период одењето на манастир било отежнато поради временските услови, а и поради тоа што празникот е непосредно пред големиот празник Рождество Христово – Божик кога верниците се подготвуваат да го празнуваат Рождеството Христово со одлука на Светиот синод е решено празнувањето да се префрли на овој термин.

Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.
За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.

Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ʼОна е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогашʼ. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро“, заклучува народниот раскажувач.

Меѓу преданијата и легендите се раскажува и за канењата за панаѓурот, за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил и гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојниците, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува за Охридското Езеро, за лековитиот извор, зошто во Љубаништа не паѓа град, за почитувањето на манастирот од Бекташите, од Еѓупците, за лекување на болни од страна на св. Наум и тоа од најразлични болести, (неми, слепи, луѓе што не можат да одат, душевно болни, итн.). Среќаваме и преданија со верувањето дека свети Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата или грнето, или бокалот со вино, пуштен од прозорецот нема да се скрши, или да се истури. Тоа навистина се случило, но светецот му се јавил на сон на оној што се обложувал и го прекорил да не се обложува повеќе зашто тогаш бил близу и дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top