Преподобниот Наум Охридски – Чудотворец има два празника, едниот е во зимскиот период и се празнува на 5 јануари/23 декември, а другиот во летниот период на 3 јули/20 јуни.
Поради тоа што во зимскиот период одењето на манастир било отежнато поради временските услови, а и поради тоа што празникот е непосредно пред големиот празник Рождество Христово – Божик кога верниците се подготвуваат да го празнуваат Рождеството Христово со одлука на Светиот синод е решено празнувањето да се префрли на овој термин.
Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.
За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.
Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски. Тој и на друго место истакнува дека „Чоаџискиот еснаф го служеше св. Наум од Охрид…“ Во старо време, еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе фамилијарно мајсторите со калфите. Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф.“
Цепенков, уште во поглавјето за светците, истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба: и покрај другите свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиродона. Свети Наум, свети Андонија и свети Спиродон ‒ да лекуат улаите“.Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Инаку, познато е дека меѓу христијанските светители има поголем број лекари, свети врачи, бесребреници (што значи лекувале бесплатно, коишто, лекувале со силата Божја. Такви се светите врачи Кузман и Дамјан, свети Пантелејмон, лекувал и свети Трифун и др. Не случајно со некои од овие свети врачи свети Наум е насликан на фреска во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Како што споменавме според Цепенков, односно според народното паметење, свети Наум бил „да лекуат улаите“. Оттука и охридската пословица „Кој за ум, која за Свети Наум“, или пословицата запишана во Прилеп: „Ја ум, ја на сфети Наум“.Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум е честа тема и во народните преданија и легенди поврзани со неговото име. Вакви сцени се гледаат и на фреските од црквата во неговиот манастир, а на оваа тема се пее и во една популарна охридска песна.
Ќе те носит, Русе, сети Ноум
Таму Џоџе, Русе, ќе те венчат
и на гробот, Русе, ќе ми легнит,
белки умот, Русе, ќе му дојдит…
Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. И во „Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)“ се истакнува: „во светите прочуениот и во чудата безмерниот, божествениот и свет отец Наум“. На друго место во истата Посланица се вели: „Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања ‒ да прими благодет и светост на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум ‒ чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството ѕвезди…“ И во „Охридскиот митрополитски кодекс“ во делот „Историски спомени за св. Климент и препод. Наум“ се споменуваат „свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб“.
Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: „Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж…“ Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред сè, на муслиманите.
Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на свети Наум, неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“.
Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.
Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот „Свети Атанасија“, служела за лекување на болни. „Со миење на водата од овој извор се лекувале луѓето што страдале од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор“. За исцелителните својства на манастирот, секако, придонесле и повеќето извори со свети води околу манастирот, што, исто така, се под влијание на светителот. Покрај споменатиот извор „Свети Атанасиј“ такви се уште и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итн.
Во книгата за впечатоци посетителите во своите записи уште истакнуваат дека доаѓаат за здравје на поединецот или на целата фамилија, дека за здравје носат поклон (јагне и сл.), дека доаѓаат по јавување на светецот во сон, дека на гробот слушнале „некакво чукање“ итн. итн.
Во житијата, Службата како и во Молитва кон св. Наум се среќаваат податоци за чудата на св. Наум коишто се среќаваат и во народните преданија. На пр., во Првото словенско житие, коешто според некои показатели е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели „оти јас знам дека повеќе од ова сториле отците и сториле многу чуда, но ова е сè што ни раскажале, а другото го сокрија од своја скромност“. Значи, нивни современик зборува за чуда случени уште додека светителите биле живи. Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле со мног чуда. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. „Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“.Во „Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни“ молејќи се за здравје на болниот верниците му ја напомнуваат на светителот неговата Божја дарба да лекува болни: „Сега уште ти се молиме и за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев, или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели“. И во Службата за св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: „Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија“, се вели на едно место, а на друго: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржител“.
Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.
Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ʼОна е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогашʼ. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро“, заклучува народниот раскажувач.
Меѓу преданијата и легендите се раскажува и за канењата за панаѓурот, за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил и гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојниците, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува за Охридското Езеро, за лековитиот извор, зошто во Љубаништа не паѓа град, за почитувањето на манастирот од Бекташите, од Еѓупците, за лекување на болни од страна на св. Наум и тоа од најразлични болести, (неми, слепи, луѓе што не можат да одат, душевно болни, итн.). Среќаваме и преданија со верувањето дека свети Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата или грнето, или бокалот со вино, пуштен од прозорецот нема да се скрши, или да се истури. Тоа навистина се случило, но светецот му се јавил на сон на оној што се обложувал и го прекорил да не се обложува повеќе зашто тогаш бил близу и дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.
Се раскажува и за повеќе диви животни што откако направиле штета светецот ги донесол на манастирскиот имот да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката“ Кузман Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума“. Во некои преданија се работи за волк што ора на местото на волот, а во едно предание волкот што ги изел кучињата самиот дошол да го чува манастирот. А кога манастирските момци го отепале, игуменот ги прекорил зашто тој бил доведен од светецот „за да биде жив сведок за силата на свети Наум“. За преданието за свети Наумовата мечка, но и за интернационалната димензија на мотивот споредбена студија објави словенечки фолклорист Милко Матичетов. Итн.
Во овие народни умотворби се раскажува и за оживување на дете што е во безсознание, за спасен човек во авионска несреќа, за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, за казнувањето на арамиите што убиле припитомена срна, за казнувањето на крадците, на тие што се мајтапеле со св. Наума, на тие што сечеле во вакафски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот (бакарно табаче, манастирски маски, манастирска мачка, иконче, прибор за јадење, шише ракија, сребрена виљушка, две гуски, патка, итн.).
Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сè уште се создаваат што од една страна зборува за сè уште живиот култ на светителот, а од друга страна за сè уште живата фолклорна традиција во Македонија.
Тропар
Свети Наум Охридски
Соединувајќи се со Христа, си го оставил светот; живеејќи со дух, телото си го распнал, преблажен Науме. Си се стремел како апостолите да се подвизаваш и безбројното мизијско множество во верата си го вовел. Така и нас со твоите молитви избави не од искушенија.
Св. Наум и мечката
Едно време кога орачите од св. Наумовијот манастир си орале на нивјето, им дошла една мечкаʼ та им изела еден од орачќите волоʼи. Ралото или плужницата им останала со еден вол, та не можело веќе да се орат.
Орачот со трчање дошол вʼ манастирот и му казал Егуменотому, оту мечката дошла на нива, та му го изела еднијот вол: „Сега немам, рекол орачот, со шчо да доорам нивата.“ – „Ходи си ти на нива, му рекол Егуменот; тамо ќе си го најдиш волот на плугот, фпрегнат во јаремот.“
Орачот си оʼшол на нива, кога шчо да видит? ‒ Чудо големо ‒ мечката шчо го изела волот, фпрегната била на плугот во јаремот, заедно со друѓијот вол. Орачот си доорал нивата со еднијот вол и со мечката до него, фпрегната во јаремот.
И до ден денеска тоʼа чудо стојт написано на иконата св. Наумова и на камењата на стʼрните од мостот Дримски, близу до манастирот.
(Вакви прикаски и преданија за св. Наумовите чудеса изобилува во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението, без разлика на вера и народност, кои тоа ги манифестира кон св. Наума.)
Кузман Шапкарев
Манастирот Свети Наум
Овој манастир е подигнат од св. Наум Охридски чудотворец и го носи неговото име. Попознат е како манастир „Свети Наум Охридски“ иако црквата е посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на св. Наум се вели дека црквата била подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов.
Во црквата се наоѓа и гробот на св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.
Нашиот преподобен и голем отец Наум, согласно воспитувањето на благородните родители, откажувајќи се од благородството и богатството, им се придружи на рамноапостолните браќа Константин Философ и Методиј. Станувајќи им придружник на овие прекрасни мажи и благовесници на Вистината, се предаде во нивни раце. Нив ги имаше за пример во сè и за свои учители, поучувајќи се во нивното училиште од делата на свети Григориј Богослов, свети Јустин Философ, свети Григориј Неокесариски, свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст, свети Григориј Ниски, Блажен Августин, свети Јован Дамаскин, и подготвувајќи се за големото апостолско дело што го очекуваше. Дејноста на свети Наум е тесно поврзана со мисионерската дејност на светите Методиј и Кирил.
Околу 863 година тој замина со нив во земјите на Централна Европа. Патувајќи со нив по селата на новоформираното Кралство на Моравија – на територијата на среден Дунав, меѓу Чешка, Баварија и Словачка – овој вистински Христов апостол беше подложен на многу искушенија: беше биен, исмејуван, хулен, претрпувајќи долги и бескрајни тегоби и тешкотии, затвори, насилства и студ, и протерувања од непријателите Христови и на Верата. Но, Господ го поткрепи нивното богоудно дело и за кратко време работата на овие свети Отци доживеа голем успех, во голема мера и затоа што тие го знаеја локалниот јазик. И за да привлечат мнозина да Го познаат Христос, и за да ги просветлат со светлината на благочестивата вера и со пишаното слово, се спротивставија на тријазичната ерес според која словенскиот јазик не беше достоен за на него да се шири Словото Божјо, туку оваа чест беше припишувана само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
Раководени од зборовите на Спасителот: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15), тие го преведоа Светото Писмо – Стариот и Новиот Завет како и Литургијата на свети Јован Златоуст од грчки на словенско-македонски јазик, создавајќи ја за оваа цел глаголицата, предавајќи го јасно словенскиот збор со букви и со изразни зборови какви што пронајдоа. На овој начин ѝ дадоа на својата мисија цврста основа во писмо и книги. Пред да го објават тоа корисно и Божјо дело меѓу тамошните народи, светите Методиј, Кирил, Климент, блажениот Наум и другите со нив свети ученици-апостоли, заедно решија да го претстават пред Вселенската Црква, за да добие сила и потврда. Ги зедоа книгите, и исполнети со Божјиот Дух, околу 869 г. стигнаа во старата престолнина на Ромеите – Рим. Тогаш беше архиереј големиот Адријан II (867-72). Тој, откако разбра за доаѓањето на Светите, ги пресретна оддалеку со целиот свештенички собор и торжествено ги прослави, како што се практикувало во такви случаи за светители. А свети Наум, иако беше помлад од сопатниците, им беше еднаков на своите сотрудници во апостолската ревност и во чудотворната сила, како и во ученоста и во познавањето на многу јазици. Таму, кога влегуваа во градот, Господ, Кој ги прославува оние што Го слават, покажа преку Своите служители натприродни чуда. Така многу слепи прогледаа, мнозина свиени се исправија, глуви и неми проговорија и прослушаа, хроми проодија и други се очистија од нечистите духови и се исцелија од разновидни болести. Од тие чуда и од други Божји откровенија, кога архиерејот виде и сфати дека се од Бога дела, ги замоли Светите да му ги покажат книгите што ги преведоа. Штом му ги донесоа, тој ги провери со целата своја строгост, срамнувајќи го грчкиот со словенскиот текст, ги прогласи за веродостојни, ги одобри како погодни во секој поглед за евангелизација на словенскиот народ, и рече: „Господ е благословен! Овие книги се вистински принесувања жртви на Бога, Нему угодни!“ Потоа тие отслужија Божествена Литургија и папата го потстрижа во голема схима Константин и го нарече Кирил, а Методиј го назначи за Архиепископ на Моравија и цела Панонија, со седиште во древната епископска столица Сирмиум (Сремска Митровица), со јурисдикција над словенските земји на Панонија, Моравија, Словачка и дел од Хрватска.
Потоа ги ракоположи светите Климент и Наум заедно со другите свештеници и ѓакони и благослови да се служи Литургија на словенски јазик во градските цркви. Откако Светите го исполнија доброчестивото дело, тие сакаа да се вратат назад, секој во своето место. Тогаш ги пресретна целиот народ од градот со големи почести и љубов. А и тие се трудеа секаде каде што имаше тешкотии и болести да исцелуваат. А начинот на кој лекуваше свети Наум беше чудесен и достоен да се прикаже: од неговите очи се излеваше исцелителска сила, која ги лекуваше болестите кај они кои со вера ќе погледнеа во очите на овој свет угодник Божји. Со сила беа одделени оние кои ги следеа, со многу солзи и со тажни лица, и на крајот, кога се простуваа еден од друг со целиви и духовна љубов, благословувајќи ги, Светителите тргнаа по патот. По кратко време, на 14 февруари 869 г., во манастир во Рим се упокои богоносниот Кирил и неговото сефално тело беше положено во храмот на свети Климент Римски. А свети Методиј, пак, ја остави жалоста по својот роден брат Кирил, и откако доби разрешување од блажениот папа Адријан, отиде со сите свои ученици во Панонија. И таму сè добро уреди и поучи. Свети Методиј 24 години носеше архиерејски чин во Моравија и Панонија и, покрај другата дејност, раководеше во Велеград словенско пастирско училиште, каде што учеа многу ученици и каде што беше центарот на словенското богослужење и образование за тие држави.
Кога умре во 885 г., тој остави голем број ученици (свештеници, ѓакони, ипоѓакони), до 200 на број, кои беа воспитаници на тоа училиште, во чие подготвување секако учествуваше и презвитерот Наум, меѓу другите избрани ученици, кои ревносно проповедаа во својата околина, пишуваа и преведуваа црковни книги. Првенството меѓу учениците го држеше Горазд, кого самиот свети Методиј го прогласи за Моравски Архиепископ кога доби известие од Господ за своето упокојување. Но дрската толпа од еретици не престана да се бори против него дури и по неговата смрт. Така тие го лишија Горазд од епископска власт и архиерејството го презеде некој Латин, наречен Вихинг, кој беше опијанет од беснотијата на ереста. Тој со својата група почна да го напаѓа православното мнозинство на учениците на свети Методиј. Исполнет со еретичкото учење на Македониј и Аполинариј, тој го преврти целото светоотечко учење на свети Методиј и бараше од верните да исповедаат дека Синот е роден од Отецот, а дека Духот излегува од Синот. Тогаш Светите почнаа да се борат против тие соблазнувања и силно да го проповедаат правилното учење за Светиот Дух, преобраќајќи мнозина во Православието и гласно исповедаа: „Ние веруваме дека Духот произлегува од Отецот и дека Отецот е причина на раѓањето на Синот, но дека е присутен во Синот и секогаш преку Него се раздава на достојните. Меѓутоа, едно е излегување, а друго е раздавање.
Првото го објаснува начинот на постоењето на Духот, зашто, како што е Синот од Отецот по раѓање, така е Духот по произлегување од Него. Давањето не го објаснува начинот на постоењето, но покажува обогатување и раздавање… Светиот евангелист Јован ни Го претставува Синот, Кој зборува за Духот на вистината, Којшто излегува од Отецот. Затоа престанете да го острите страшниот меч против себеси. Престанете да се спротивставувате на Божјиот Син, Големиот Благовестител, од Кого, преку и за Кого е целото Евангелие, и без Духот да учите за Духот, или подобро да речеме да зборувате во противниот дух!“ Вихинговците (Франко-Германите) видоа дека не можат со логика и со Откровение Божјо да ја бранат својата теза, па прибегнаа кон лукавство: прво се заколнаа пред Светополк – кнезот на Моравија, дека право веруваат, а тој затоа им ја предаде Црквата во тие места, и тогаш тие го започнаа страшното гонење на Методиевите ученици и следбеници. Ги присилуваа да ја примат нечестивата догма, ги мачеа бесчовечно, им ги разграбуваа домовите, ги влечкаа голи низ трње. Презвитерите и ѓаконите што беа помлади ги продаваа на Евреите како робови. Светите Горазд, Климент, Наум, Лаврентиј и Ангелариј и многу други знаменити мажи ги оковаа во пранги и ги затворија во темница, каде што им беше забранета секаква утеха, бидејќи по никаков начин при нив не смееја да пристапат ни роднини ни познати. Но, што промислува Бог, Кој не дозволува да се навредуваат и обесчестуваат Неговите луѓе? Кога се наоѓаа Светите во затворот и пееја од целата душа и срце едногласно „Господи, Пресветиот Твој Дух…“, о чудо, голем земјотрес се случи, целото место се затресе, и паднаа многу ѕидови и куќи на тираните, па паднаа синџирите и јажињата од рацете и нозете на Светите.
Свети Наум ја покажа силата на својата молитва кога чудотворејќи ја отвори затворската капија. И сите заедно излегоа и тргнаа по патот, радувајќи се како некогаш апостолите, зашто се удостоија да страдаат поради Светиот Дух, како оние поради името на Распнатиот Владика. И сите се зачудија пред тоа чудо и ги нарекоа Светите големи. Но јазикот на еретиците повторно се обиде да го изопачи чудото, припишувајќи го тоа на Велзевул, како што направија Јудејците пред Христос. Потоа, бидејќи безумниот кнез не можеше да го разбере ова чудо – Светите повторно беа ставени во окови, потешки од првите и со затворски маки побезуспешни од поранешните. Изминаа три дена. И кога ја завршуваа молитвата на Третиот час, повторно стана истото што и порано: земјотрес и шум од небото и раскршување на прангите. И без да му соопштат за тоа нешто на кнезот, богоборците повторно ги подложија Светите на истите мачења. Откако изминаа десет дена, пак, по третпат Бог ги посети подвижниците, но бесчувствителните еретици повторно си останаа така заслепени. И така врз болките од раните им се наложија на Светителите уште поголеми страдања. Бидејќи имаа од кнезот дозвола да се однесуваат со нив како им е угодно, тие ги извлекоа од затворот и ги измачуваа со бесчовечни удари. По таквите удари, не им дозволија дури ни да се нахранат, бидејќи никому не му дозволуваа да им подаде дури ни парче леб на Христовите слуги. Прогласени за бунтовници против државниот поредок, беа предадени на војниците за да ги одведат пооделно на разни места покрај Дунав, осудувајќи ги небесните граѓани на изгонување од градот. И војниците – луѓе варвари, ги грабнаа Светителите, ги изведоа надвор од градот и откако ги соблекоа, ги протераа голи. Свети Климент ги зеде со себе светите Наум и Ангелариј и се упати со нив кон Дунав на југ, раководејќи се од Евангелието: „Кога ќе ве изгонат од еден град, одете во друг“ (Матеј 10, 23). И ете тие пристигнаа во едно село, во кое решија да ги поткрепат своите тела истоштени од недостаток на храна и покрив. Се распрашаа кој во селото е богољубив, гостољубив и прочуен со благочестивиот свој живот и, откако најдоа таков, отидоа на гости кај него. Тој човек имаше единец син. Но штом влегоа туѓинците во куќата, синот умре. Таткото, целиот скршен, ги проколнуваше и им се закануваше, сметајќи ги за маѓесници и демони. Но и Светите сами страдаа не помалку од таткото. Тогаш тие се оддадоа на молитва, успокојувајќи го со кротост силниот гнев на таткото. И навистина, штом се помолија за детето – о ново чудо!, о, Твојата вечно светла благодат, Спасителу Христе! – на ожалостениот татко жив му го предадоа синот. Таткото, пак, надвор од себеси од радост викаше: „Простете, простете ми преподобни Отци. Јас ништо не знаев за вас и затоа сум повиновен. Но еве ви сè што имам, па и самиот ќе ви бидам слуга!“ Задоволни од верата на човекот, тие смирено зедоа само она што им беше најпотребно за патувањето што им претстоеше и тргнаа по патот што водеше кон Дунав. Кога стигнаа на дунавскиот брег и го видоа силното и поради тоа непреодно течение, откако заврзаа три дрва со лоза, со молитви и Божјо чудо ја преминаа реката на другата страна и стигнаа до Белград. Тамошниот воен намесник убаво ги пречека и ги прати кај владетелот по име Михаил-Борис2, кој со почести и велелепно ги поздрави, благодарејќи Му на Бог бидејќи доби такви учители, не обични луѓе, туку исповедници и маченици. Тој некое време ги задржа во Преслав, а потоа според желбата ги распореди во местата наоколу, за да го проповедаат името Христово. Им нареди на граѓаните да ги слушаат Светите и да им се потчинуваат на наредбите, како да се негови, и да им помагаат во градењето на светите храмови кои тие ќе сакаат да ги градат, за да се множи благочестието. Во Преслав свети Наум работеше седум години (886-893) развивајќи учителска дејност. Таму го продолжуваше делото на своите учители, поткрепен од Духот. Ја ширеше писменоста, подготвуваше свештеници, го објаснуваше и толкуваше Светото Писмо и делата на светите Отци, а понадарените свештеници ги поттикнуваше да препишуваат и да создаваат свои дела. Тој исто така имаше и улога на дворски советник, прво кај кнезот Михаил-Борис, а потоа и кај неговиот наследник царот Симеон. А свети Климент беше испратен за учител во областа Кутмичевица во Македонија, каде што доби многу поволни услови за работа. Тој во манастирот за свој помошник подоцна го зеде свети Наум за да му помага во учителствувањето и другите дела. Кога кнезот Михаил-Борис се повлече заминувајќи во манастир и на престолот дојде неговиот благочестив син Симеон (893-927), тој го предложи свети Климент за епископ на Дремвица и Белица (се смета дека е ова Тивериополската епархија – денешна Струмица). Така во 893 година свети Климент стана прв словенски епископ на Балканот меѓу ромејските епископи. На своето место на Охридскиот универзитет тој тогаш го постави свети Наум, како најдостоен наследник, да ја продолжи неговата учителска дејност. Светите Климент и Наум го поткрепија делото на своите учители Кирил и Методиј поставувајќи цврст темел на православната словенска Црква и на православната словенска култура во Македонија, како и во другите православни земји: Бугарија, Србија, Русија и др. Со христијанското словенско училиште и просвета, со подготвувањето на свештеници и други клирици образовани на словенски јазик, со воведувањето и ширењето на словенскиот јазик во сите богослужби и во целата просвета, од црквите во Македонија го отстранија паганството како и грчкото и латинското влијание. Во секоја парохија дејствуваа по 300 одбрани ученици (учители, проповедници, клирици), а нивниот вкупен број изнесуваше 3500, од кои половината, ако не и повеќе непосредно се беа напоиле од благодатното слово на свети Наум. Во Охридскиот книжевен центар свети Наум работеше седум години. Ова училиште имаше карактер на универзитетска установа и со право денес се смета за прв универзитет во Европа. Сиот овој труд даваше обилни плодови уште во тоа време. Во 900 година свети Наум на брегот на Охридското Езеро основа манастир посветен на светиот архангел Михаил и сите свети небесни и бестелесни сили, којшто го освети Епископот Климент. Со повлекувањето во манастирот, свети Наум се вгради во темелите на монаштвото во Македонија, и околу него се собраа мноштво монаси од целиот Балкан. И откако направи сè што Му е благоугодно на Бог, почина таму блажениот Наум во длабока старост и Му ја предаде својата душа на Бог на 23 декември 910 година. А чесното тело негово беше положено во гробот, во десното крило на храмот, од Христовиот архиереј Климент Охридски, кој се упокои шест години подоцна. Уште на крајот на десеттиот век светите Наум и Климент се канонизирани за светители. Свети Наум е почитуван уште за време на животот, а особено по повлекувањето во манастирот и за време на отшелништвото во крајезерските пештери, како добродетелен и свет подвижник и како чудотворец. Свети Наум беше мудар учител, боговдахновен раководител на монасите, строг подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Правеше многу чуда за време на животот и по смртта. Од неговите чудотворни мошти и денес се случуваат многубројни чуда, исцеленија од тешки болести, особено лудило и демоноопседнатост. Многумина болни доаѓаат на неговиот гроб и тоа не само православни туку и луѓе од друга вера. Во 1926 година еден муслиман од Ресен донесува камбана за да ја приложи на манастирот од благодарност што Светителот му го беше излекувал братот и од смртна постела го подигнал повторно во живот. Името на приложникот е Џемаил Зизо, а на неговиот брат Сулејман Зизо, и двајцата угледни граѓани на тогашен Ресен. Затоа, браќа, и ние да му последуваме на добриот живот на овој блажен Отец, кој се зачува наполно девствен и чист и кој претрпе многу беди и напасти поради вистинската Божја вера, па со него да ги достигнеме вечните богатства на нашиот Господ Исус Христос, во слава на Отецот, на Синот и на Светиот Дух, секогаш и во сите векови. Амин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Денеска се слави чудотворецот кој лекувал, подарувал камбани на манастири…
-
Денес водата е најлековита – девојките да појдат до Свети Наум
-
На патот од Охрид кон Свети Наум ќе се поставуваат челични огради
-
Семејството на претседателот Иванов на одбележување на Св. Наум Охридски – Чудотворец на Попова Шапка