Две години и 10 месеци затворска казна доби напаѓачот на телохранителот на Оливер Спасовски. Петре Жежовски од Скопје беше осуден откако призна вина за настаните од крвавиот четврток.
Судското рочиште во Кривичниот суд се одржало вчера, откако Жежовски ја признал вината. Во пресудата на судијката Оља Ристова пишува дека на 27 април по 18 часот и 30 минути Жежовски влегол во Собранието, извршил насилство врз повеќе граѓани, грубо навредувал и ја загрозил сигурноста на присутните.
Осудениот Жежовски физички нападнал полициски службеник, го фатил со двете раце за вратот и му рекол: „Кого криеш ти, кого штитиш“, по што го оттргнал друг полициски службеник од внатрешното обезбедување на Собранието. Потоа, сега осудениот, со други лица, со туркање влегле во прес-салата на Собранието, каде што го нападнал телохранителот Спасовски, Сашо Тасевски.
Оштетените Зоран Заев, Оливер Спасовски и Сашо Тасевски можат да бараат отштета во постапка во граѓанскиот суд во Скопје. Ова е трето признание на вина, откако претходно за кривичното дело „насилство“ вина признаа обвинетите Васко Цунгаревски и Димитар Попоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.