
Бразилскиот фудбалер Нејмар се соочува со можна затворска казна од две години,а поранешниот претседател на Барселона, Сандро Росел, со пет години затвор поради проневера на финансиски средства и неплатен данок при трансферот на фудбалерот од Сантош во Барселона. Исто така, фудбалскиот клуб Барселона би можел да плати парична казна од 195 милиони евра, поради тоа што го оштетил буџетот на државата Шпанија. Ова се казните што ги предлага државниот обвинител при судскиот случај за проневера на финансии и затајување данок со трансферот на Нејмар.
Обвинителот ќе се обиде да докаже дека Барселона, Сантош и самиот фудбалер Нејмар пријавиле многу помала сума при реализацијата на трансферот од реалната, само за да ги избегнат огромните давачки кон државата Шпанија. Доколку тоа судот го прифати, тогаш и Нејмар и поранешниот претседател Росел, кој си даде оставка веднаш откако беше откриен овој скандал, и беше наследен од Хозеп Бартомеу, би можеле да завршат во затвор. Но, од досегашната пракса, секогаш доаѓа до нагодување со судот, па фудбалерите и клубовите минуваат со плаќање на одредена парична сума, која влегува во државниот буџет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


