| четврток, 6 декември 2018 |

Димитар Николов-Таки: ДФРМ и Агенцијата за филм имаат за цел да создадат лажна слика дека основниот претставник на филмските професионалци

Димитар Николов-Таки поттикнат, како што вели ,од вчерашното  соопштение за потпишување на Меморандум за соработка меѓу ДФРМ и Агенцијата за филм ја испрати својата реакција која ќе се ограничи на еден мал дел од произволностите објавени во истото соопштение. 
-Потпишувањето на овој меморандум е обид за сoздавање илузија и алиби за некои идни дејствија, во кои би можело да се фаворизира улогата на ова здружение или членови од истото, или би можела да произведе полесно легализирање на нетранспарентни постапки за доделување народни пари на лица и субјекти кои се занимаваат со оваа дејност, вели Николов

Во продолжение во ја пренесуваме неговата реакција во целост:

Вчера, Меморандум за соработка потпишаа едно Здружение (ДФРМ) за кое со правосилна Пресуда 9П4-545/16 на Основиот суд Скопје 2 од 08.03.2017 година, потврдена со Решение ГЖ-4959/17 на Апелациониот суд Скопје, е утврдено дека работело незаконски во донесувањето на одлука за разрешувањето на директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, и Државната Агенција за филм на Република Македонија, синоним за институција која во последнава година е позната по поништување на конкурси, доделување на средства (во милиони евра) на проекти од „посебен интерес“, доделување на проекти на близок роднина на директорот, подржување на фестивал со осум милиони денари, а намалување на буџетот на единствениот категоризиран фестивал во земјава за еден милион денари, и уште многу други слични активности.

Овие два субјекта имаат за цел да создадат лажна слика дека основниот претставник на филмските професионалци е Друштвото на филмски работници на Македонија, здружение со  помалку од 40-тина членови, кои плаќаат членарина од најмалку 350 професионалци, кои се активни во филмската дејност. Ригидно и елитистичко во своето делување, ова здружение последните години создаде многу раздори помеѓу луѓето кои својот леб го заработуваат во оваа област.  И најмногу благодарејки на една врхушка која со ова здружение раководи последните 15-тина години. Потпишувањето на овој меморандум е обид за сoздавање илузија и алиби за некои идни дејствија, во кои би можело да се фаворизира улогата на ова здружение или членови од истото, или би можела да произведе полесно легализирање на нетранспарентни постапки за доделување народни пари на лица и субјекти кои се занимаваат со оваа дејност. Мојата реакција ќе се ограничи на еден мал дел од произволностите објавени во соопштението за потпишувањето на овој меморандум.

Неточен е податокот дека овој меморандум ќе се стави крај на повеќегодишните проблеми што се создавале поради нетранспарентното и сомнително раководење на Агенцијата за филм, а на голема штета на македонската кинематографија. Затоа што сите филмови кои се снимале во периодот од кога Фондот односно Агенцијата постојат, биле доделувани скоро исклучиво на членови на ова здружение. И тоа неколку одбрани. На тие членови во тој период им се доделени огромни средства, над 85 % од буџетот ( а тој последниве 10-тина години бил огромен) за проекти по разни основи. Дел од тие избрани членови на ДФРМ добивале уште поголеми дополнувања на своите филмски буџети (во милиони евра) директно од Владата на Република на Македонија, од истата таа чии наводни жртви биле. А всушност добиле многу милиони евра.

Лага е дека „друштвото беше соочено со притисоци кон членовите да преминат во новосоздадени здруженија, обиди да му се одземе фестивалот „Браќа Манаки“, да му се оспори лиценцата за избор на македонски кандидат за „Оскар“. Никакви притисоци немало  членови од ДФРМ да преоѓаат во други здруженија. Новосоздадената  Асоцијација на филмски професионалци на Македонија (АФПМ), е најголемо здружение на филмски професионалци во земјава благодарејќи на транспарентното работење и пристап кон сите филмаџии. Незадоволни членови, или филмски професионалнци на кои им било оневозможено да членуваат во ДФРМ, а сакале да допринесуваат во развојот на филмската дејност, станале активни членови во АФПМ.

Никој не се обидел да го одземе ИФФК „Браќа Манаки“. Се појави Асоцијација „Центар за филм Битола“, која сакаше најтранспарентно да се вклучи во процесот на организација и реализација на овој фестивал и трошењето на 150.000 евра државни пари од страна на здружение против кое судот веќе имаше донесено пресуда за незаконско работење. Уште повеќе градот Битола, сосема легитимно, како основач, ја регистрираше трговската марка ИФФК „Браќа Манаки“ во Државниот завод за заштита на интелектуална сопственост. Градот Битола во 2015 година стана и град на филмот, во мрежата на креативни градови поддржана од УНЕСКО и заслужуваше да е посериозно вклучен во развојот на овој фестивал. Целта на ова здружение беше да го доближи „Браќа Манаки“, до сите граѓани и ентузијасти од градот, кои на било кој начин можеа и сакаа да се вклучат во организацијата и реализацијата на оваа манифестација. Од таа најтранспарентна постапка се направи фама за безмалку кражба. И денес на веб страницата на министерството  стои една небулоза, која веруваме дека скоро ќе биде исправена, најверојатно пласирана од некој од советниците на поранешниот министер со цел тој и јавноста да бидат изманипулирани и доведени во заблуда. Во текстот се вели „ Ги ослободуваме и стабилизираме институциите, ги откриваме злоупотребите на парите на граѓаните. Без оглед на трансферот на власта во институциите, работата на културните установи и сите тековни манифестации се реализираа без нарушувања и тешкотии, со целосна поддршка од Министерството. Дури и онаму каде што имаше предизвици, помогнавме тие да се надминат, како што беше со процесот на враќање на организацијата на Фестивалот „Браќа Манаки“ на Друштвото на филмските работници/професионалци, кое повеќе од 3 децении го организира Фестивалот, а на кое со одлука на поранешната власт му беше одземена организацијата и доделена на новооформен ентитет“. Неточно, несериозно и тендециозно е да се тврди од кој и да е, дека имало каков и да е обид за одземање на фестивалот од кој и да е. Уште поголема злонамера постои во делот кој вели дека предходната власт му ја доделила организацијата на новоформиран ентитет, а ја одзел од ДФРМ. Кутрите свети четириесет маченици.

По однос на лиценцата за „Оскар“, јас не знам дали е оспорена официјално, но дека изборот е спорен, тоа е неоспорно. Па која мала земја како нашата, може да си дозволи во последните неколку години да не испраќа свој кандидат за „Оскар“???, на база на кобожемски уметнички и естетски критериуми, притоа негирајќи ја сета заложба на група, автори, изведувачи и други субјекти, доведувајќи ја под прашалник и целокупната финансиска поддршка што државата ја дала „напразно“ на овие проекти. Кое е тоа здружение кое се става над интересите на филмот и филмската продукција во Република Македонија, за да денес биде привилегирано да потпишува меморандум со Агенцијата за филм. Инаку за потсетување првата жртва на оваа практика на неиспраќање кандидат за „Оскар“, е сегашниот претседател на Друштвото и сите со малку подобра меморија се сеќаваме на неговата реакција од тоа време.

Крајната цел, е точно во еден транзициски период, каков што е сега, со методи и тактика за нив својствена од секогаш,  се обидуваат да создадат заблуда кај институциите и сите помалку информирани, за да си создадат подобра стартна позиција при своето вклучување, институционално или индивидуално во реформите кои треба да следат. Со неточни информации и иницијативи кои се само алиби, за да се продолжи по истиот курс и со истите луѓе.

Овој меморандум за соработка според нив е од огромно значење „бидејќи со него се официјализира институционалната поддршка од страна на Агенцијата за филм кон ДФРМ, најстарата жива македонска филмска институција“. ДфРМ е само едно старо, прилично старомодно и неактивно здружение кое сака да е институција и тоа ако може по дифолт. И ја има целосната поддршка од поранешниот нејзин претседател , а сега директор на Агенцијата за филм, поранешен државен секретар и партиски активист. Кој пак од друга страна не ги есапи АФПМ, најголемата асоцијација на филмски професионалци, МЗФП кое е единственото здружение на продуценти кое е формирано по условите на ФИАПФ, најголемата федерација на светски асоцијации на продуценти и кое од 2017 е член на оваа федерација, АФИДИ, асоцијацијата на филмски дистрибутери членка на ФИАД, федерацијата на светски асоцијации на филмски дистрибутери итн. Ниедна од овие асоцијации не е поддржана од Агенцијата на филм на последните конкурси за проектите со кои аплицирале за развој на кинематографијата во Република Македонија, а ниту им е прифатена молбата да Агенцијата да ја покрива членарината во меѓународните асоцијации во кои членуваат.

Нема да навлегувам во дополнителни анализи на потпишаниот Меморандум. Се обраќам само за да апелирам дека треба да бидеме внимателни со овие луѓе. Затоа што штетата што сега можат да ја направат може да значи крај на македонската кинематографија. Како што се случи со „Вардар филм“, институцијата во која многумина од нив работеа и директоруваа.

Со почит,

Димитар Николов

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top