Премиерот на Република Унгарија и претседател на ФИДЕС, Виктор Орбан, преку видео обраќање даде поддршка на големиот митинг кој вечерва се одржува пред македонската влада.
-Драги македонски пријатели, почитуван претседател Мицкоски! Ви пренесувам поздрав од ФИДЕС-Христијанско-демократската партија. Ние сме сосчленови во Европската Народна партија и треба да знаете дека можете секогаш да сметате на нас и таму. Ние, Унгарците, им должиме благодарност на членовите на ВМРО. Им должиме благодарност бидејќи во најтемните часови на миграциската криза, лидерите на ВМРО имаа храброст, мудрост и сила да ги заштитат Македонците, Унгарците и со тоа Европејците. Никогаш нема да го заборавиме пријателството со вас. Ние застануваме на вашата страна, го поддржуваме ВМРО и го поддржуваме вашиот претседател, порача Орбан.
Премиерот на Унгарија пред македонскиот народ порача дека Мицкоски и неговиот млад тим ќе успее да ги врати Македонците на патот на развојот и да им ја врати верата во иднината.
-Пред вас е голема можност, но морате да бидете успешни во една сложена европска ситуација. Во таква сложена ситуација, секаде се потребни храбри и силни лидери. Лидери кои ја сакаат својата татковина, имаат искуство и не колабираат ни под притисок на надворешни сили. Ви честитам што успеавте да ја обновите својата партија. Јас сум убеден дека заедницата на ВМРО под раководството на претседателот Мицкоски и неговиот млад тим ќе успее да ги врати Македонците на патот на развојот и да им ја врати верата во иднината. Јас и мојата партија сме победиле и изгубиле на избори во минатото. Потоа повторно сме победиле и се вратиле. Немојте да ја заборавате старата мудра изрека: „Успехот не е конечен и неуспехот не е фатален, единствено важно е дали сме доволно храбри да продолжиме“, порача Орбан.
И претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол даде јавна поддршка за денешниот голем митинг пред македонската влада.
Тој во своето видео обраќање даде поддршка и за ВМРО-ДПМНЕ, како и за партискиот претседател Христијан Мицкоски.
-Ми претставува задоволство да ви ја испратам оваа порака на поддршка и пријателство, а по повод собирот кој што го организирате во Скопје. Со вашиот млад претседател во текот на последните 5 месеци остваривте активности на длабока реорганизација на партијата, на вашиот начин на кој комуницирате и на начинот на кој спроведувате политика. Денеска имате шанса на вашите граѓани да им ги презентирате вашите идеи и вашата визија за иднината на земјата. Сите ние знаеме колку на народот на Македонија му е потребно сето ова. Мои пријатели, Вашата земја се наоѓа во внатрешноста на границите на Европа. Нашите судбини се неодвоиво поврзани, рече тој.
Дол порача дека ЕУ нема да биде комплетна се додека сите земји не им се придружат.
-Европските народни партии се ангажираа минатиот месец во Софија да ја исполнат својата улога, но Вие исто така мора да ја завршите самите вашата работа. Во Владата или во опозицијата, сите политички сили во земјата мора да ги подвиткаат ракавите и да покажат сериозна желба за напредување по Евро-атлантскиот пат и да ги превземат неопходните мерки. Добро знаете за што зборувам: човекови права, борба против корупцијата, независност на судството и на медиумите, не заради тоа што ЕУ ви го бара тоа, туку заради тоа што вашите граѓани ви го бараат. И заради тоа што без ова горенаведеното, не е возможно да се реактивира економијата, да се привлечат инвестиции и да се креираат работни места, рече тој.
Претседателот на Европската народна партија порача дека не е доволно да се објават реформи туку потребно е истите да се спроведат.
-Мислете на вашите млади! Денес, каква иднина ќе им оставите нив? Како ќе ги убедите да останат во земјата и да придонесуваат за развојот на земјата, наместо да си ја бараат среќата на друго место. Вашиот народ бара промени и овие промени не можат да се спроведат без ваша партиципација, дури и во опозиција. Секогаш имате одговорност кон Вашите млади. Велам секогаш, бидејќи не можеме да ги решиме денешните проблеми со решенија од вчера. Треба да се размислува различно, треба да се иновира. Јас сум сигурен дека со водството на претседателот Мицкоски кој е динамичен, компетентен и мотивиран, ќе можете да дадете една нова енергија и нов елан на вашата партија. Да ја вратите довербата на луѓето, да ја најдете силата на партијата и наскоро да се вратите како владеачка партија со цел да можете поефикасно да донесете подобра иднина за сите жители во Македонија. Ви пожелувам многу успеси на патот кој ве чека, порача Дол пред околу 50.000 граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.