Нема потреба „Фронтекс“ да ја штити унгарската граница од мигрантите, изјави премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Тој пред новинарите, спроти почетокот на Самитот на европските лидери во Салцбург, рече дека земјите членки на ЕУ би требало да го задржат правото да ги штитат своите граници, а таков предлог веќе изнеле Австрија и Бугарија.
Орбан додаде дека Фронтекс, Европската агенција за заштита на границите, е убава идеја, но организацијата никогаш успешно не заштитила ни метар од границата, додека Унгарија заштитила стотина километри.
-Нема потреба тие да ја чуваат нашата граница, а да не говорам за принципот на суверенитет- истакна Орбан и додаде дека својот предлог ќе го изнесе на Самитот и дека има повеќе земји кои се противат на идејата на Европската комисија.
Говорејќи за Брегзит, Орбан истакна дека ЕУ не би требало да ја казнува Велика Британија и дека фер излез од Унијата и добра соработка се потребни и за Велика Британија и за ЕУ. Прашан дали очекува да се говори и за одлуката на Европскиот парламент кој изрече казнени мерки за Унгарија во врска со проблемите со владеењето на правото, Орбан одговори „Сите се смеат за тоа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.