| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва почнува 6. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен вечерва во 19.30 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Петмина актуелни писатели од исто толку земји од Балканот ќе и бидат претставени на нашата публика. За жал, добитникот на наградата за авторски придонес во балканската литература „Прозарт“, српската легенда Светислав Басара нема да биде во нивно друштво. Од здравствени причини тој не можеше да допатува во Скопје.

За делата на Басара, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија ќе говорат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски, а модератор ќе биде Ана Јовковска. Гости на отворањето ќе бидат и тројцата членови на „Скопје фелоушип“ програмата – Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јанике Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција.

На вториот фестивалски ден, во понеделник во 11 часот во ЕУ Инфо-центарот ќе се одржи тркалезна маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Веќе традиционално, фестивалот организира средба на гостите автори со своите читатели во книжарницата „Икона“ во Скопје сити мол, закажана за 28 мај во 18.30 часот. Тројцата врвни издавачи од „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Фестивалот ќе биде затворен на 29 мај во Даут-пашиниот амам во 19.30 часот, кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top