Советот на ЕУ помина. Очекувано или не, најавувано или не, но бриселското игнорирање на Македонија остави грд белег и простор за неминовното чувство на револт. Ставањето на проблемите под тепих и неотворањето на прашањето им годи единствено на европските челници. Ова е еден од познатите модуси за избегнување на проблемите и повторно беспредметно убедување со Атина, кое секогаш, по правило, завршува со вето. Петте препораки на Европската комисија не се доволни за датум за преговори. Изговори секогаш ќе се наоѓаат, а, од друга страна, неединството постојано ќе виси над државата.
И покрај сѐ, познавачите на состојбите се согласни дека не се случи ништо драматично за Македонија и оти со овој чин, по којзнае кој пат, Унијата јавно ја демонстрираше својата немоќ. Во изјава за „Република“, поранешниот министер за надворешни работи и сегашен претседател на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, и поранешниот амбасадор Звонимир Јанкуловски се согласни дека Македонија не смее да застане на патот кон Брисел и да покаже слабост. Тишината ја покажа немоќта, вели Јанкуловски.
– Велат дека најголемите лаги се кажани во тишина. Тишината на Европската унија за прашањето на отворањето на пристапните разговори за Република Македонија е одраз на немоќта на Унијата да биде резистентна на притисоците на една од нејзините членки што го условува приемот на Република Македонија со решение на дводеценискиот спор за името по нејзин модел, по цена да отстапи од принципите и вредностите на кои е положена. Говорејќи за нашата опсесивност и фасцинација со Европската унија, би сакал да напоменам дека патот кон Унијата е во основа пат кој, со неа или без неа, треба да го изодиме ние самите. Не заради Унијата и членството во неа, туку заради нас самите – граѓаните на Република Македонија. Гледам, до таа мера го фетишизиравме датумот за преговори што забораваме дека реформите што се во тек се во функција на градење одржливи демократски институции кои ќе бидат способни да ги апсорбираат европските стандарди и европската вредносна матрица, а се во интерес на граѓаните на Република Македонија и унапредување на нивната благосостојба. Република Македонија мора да го продолжи патот кон Европската унија и покрај сите фрустрации што ги проживуваме на тој пат. Мора да се издигнеме над сите дипломатски недоследности и уцени и да покажеме дека сме дел од европското семејство на народи, без оглед на тоа колку некој се труди да го одрече тоа. Мора да останеме доследни на овој пат иако е неможно да го изодиме без поддршка од Унијата. Поддршка која нема да биде само декларативна, туку вистинска, вели Јанкуловски.
Веќе навикнавме и знаеме да живееме со тоа, се надоврзува Милошоски, кој, сепак, вели дека по нивните реакции и адресирањето на вината само кај Македонија, Шекеринска и Бесими би паднале на екстерно за евроинтеграции.
– Првиот чекор е на јавноста и на медиумите, а тоа е дека нема потреба од драматизирање и разочарувања за нешто што сите го очекувавме – ЕУ повторно да не постигне консензус за случајот на Македонија. Веќе навикнавме на тоа и знаеме да живееме со тоа. Македонија има потврда дека ги исполни сите релевантни критериуми за почеток на преговорите. Тоа е нашата обврска и таа доследно ја испорачуваме од 2009 година наваму. Вториот чекор треба да е на институциите и на државата, а тоа е продолжување со реформите, по европски стандарди, за доброто на земјата, за посилна економија и унапредување на целокупниот систем. Да покажеме дека во некои стандарди сме и можеме да бидеме подобри и од некои земји-членки на ЕУ. Третиот чекор треба да е кон Европската комисија. Треба да ни е јасно дека Европската комисија е сојузник на Македонија, но, сепак, е само прагматичен и слаб актер во однос на непрагматичниот капацитет кој го има Грција за блокирање на процесот на евроинтеграции. Затоа и препораките од Европската комисија треба да се земаат со резерва тогаш кога е очигледно дека Европската комисија не може да го испорача тоа што го ветува, вели Милошоски.
(Целиот текст можете да го прочитате во 44. број на Република кој е во продажба од 5 јули)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.