| четврток, 6 декември 2018 |

МВР со апел: Заштитете се од крадци – статус и фотографија на Фејсбук, покана за празен стан

Пред почетокот на летната сезона, од МВР апелираат да внимавате на своите домови кога одите на одмор и советуваат како да се заштитите од кражба, кога никој нема да има дома.

Слики и статуси на социјалната мрежа Фејсбук од плажи и места каде се одморате се најдобрата информација која можат да ја добијат крадците при изборот на новиот стан или куќа кој планираат да го ограбат. Повеќето граѓани воопшто не ни помислуваат на оваа опасност кога сакаат да се пофалат дека пристигнале на дестинацијата која ја одбрале за летен одмор, а тоа го користат провалниците и крадците кои вешто ракуваат со социјалната мрежа преку лажни профили и пријателства со луѓе за кои знаат дека се имотни или пак се сомневаат дека чуваат накит и пари во своите домови.

Во текот на летото крадците се најактивни во Скопје каде се регистрирани најголем број од извршените кражби.

Од МВР велат дека статусите и сликите на социјалната мрежа Фејсбук се како отворена врата за провалниците. Оттаму потврдуваат дека се повеќе кражби се случуваат во станови и куќи чии сопственици биле надвор од градот или државата и кои за тоа ги информирале своите пријатели.

Како и секоја година полицијата, преку средби со граѓаните, се обидува да ги едуцира околу начините на кои може да ги заштитат своите домови од неповиканите гости.

Ако до пред извесно време, препораките на полицајците беа веќе познатите како клуч кај соседот, понекое оставено светло, подигнати ролетни, лажен сеф и очигледно оставен безвреден накит и бижутерија, сега тие ги вклучуваат препораките и да се внимава што се постира на Фејсбук или пак кој се има пристап до тие слики и информации.

Искуствата на полицијата покажуваат дека крадците се уште ги користат и старите техники за да проверат дали сопственикот е дома или не. Најчесто, тоа е директно на врата под изговор дека бараат друг човек или пак нудат нешто на продажба. Жртвата секогаш ја следат за да и ги начуат навиките, односно терминот кога излегува и се враќа дома или пак кога ќе замине на одмор.
Од МВР велат дека блиндираните заштитни врати сега веќе не можат да ги задржат провалници кои користат најсовремени алати и методи, па затоа оттаму препорачуваат и вградување на алармен систем особено во домовите на лицата кои работат во странство.

извор: Скопјеинфо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top