| четврток, 6 декември 2018 |

Раде Силјан промовира нова книга „Триптих за Македонија“

Утре во 19 часот, во Домот на културата во Општина Илинден, ќе биде промовирана книгата „Триптих за Македонија“ од поетот, есеист и литературен критичар Раде Силјан.

„Оваа молитва на Раде Силјан претставува ода на животот, возвишен солилоквиум, едно хумано чувство што предупредува за загрозите што ги носи човекот во себе. Во сето тоа впечатливо се присутни поетичката доследност, плавното структурно пеење и прочистениот негов јазичен исказ“, вели академик Матеја Матевски за најновото дело на Силјан.

Раде Силјан е роден на 16 април 1950 година во с. Жван, Демирхисарско. Работел како новинар и бил главен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на „Македонска книга“. Исто така, тој е основач и директор на книгоиздателството „Матица македонска“.

Силјан е член на Друштвото на писатели на Македонија од 1982 година и во два мандати бил негов претседател. Дваесет и четири негови книги се преведени на англиски, руски, турски, грчки, италијански, бугарски, српски, украински, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, бошњачки и на албански јазик.

Промоцијата е дел од 19. издание на литературната манифестација „Илинден 2018“, која ќе трае до 19 мај. Влезот за сите настани е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top