Граѓаните на Македонија, Србија и на Црна Гора да имаат исти цени за користење роаминг услуги со оние од земјите членки на ЕУ, кога патуваат во овие земји, побараа во заедничко писмо ресорните министри на трите држави Иво Ивановски, Расим Љајиќ и Вуица Лазовиќ. Писмото денеска е упатено до Европската комисија и до Дирекцијата за комуникациски мрежи.
Потписниците на барањето велат дека станува збор за група држави со повеќе од 10 милиони жители, што е добар повод Европската комисија и ЕУ да извршат притисок врз операторите и да ги направат соодветните измени на регулативата за да се реализира ова барање.
– Постојано ги исполнуваме директивите и барањата на Европската унија и редно време е Унијата да ги испочитува нашите барања – изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Следен чекор, појасни тој, е да се изврши измена на регулативата и да се воспостават нови правила за операторите, за да може да се користат евтините роаминг-тарифи на ЕУ.
Српскиот министер Љајиќ и црногорскиот министер Лазовиќ оценија дека потпишувањето на писмото е пример за добрата регионална соработка и порака дека сите проблеми можат да се решат со заедничка комуникација и соработка.
Договорено е министрите од трите држави во септември да потпишат меморандум за соработка во телекомуникациите.
Македонските граѓани моментно плаќаат седум пати повисоки цени за појдовни повици во роаминг, осум пати повисоки за дојдовни и три до четири пати повеќе за користење 1 мегабајт интернет. На годишно ниво само од Македонија во ЕУ се одлеваат близу еден милион евра од роаминг услугите кои ги плаќаат македонските граѓани при патувањето.
Активностите за користење на роаминг-тарифите на ЕУ почнаа на иницијатива на македонската Агенција за електронски комуникации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



