Пратениците Артан Груби, Ејуп Алими, Мухамед Зекири, Горан Мисовски, Александар Кирацоски, Хари Локвенец и други, поднеле предлог за изменување и дополнување Законот за државните награди, по скратена постапка. Со предлогот, пратениците бараат да се воведе државна награда „22 Ноември“, кога се одбележува „Денот на албанската азбука“. Образложението е дека наградата е за унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Предлогот е поднесен до собраниската архива на 3 мај.
-Треба да се истакне дека од денот на воспоставување на овие награди ниту еднаш досега не биладоделена награда, за дела на луѓе од политичкиот, општествениот и културниот живот кои помогнале за унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници во Република Македонија. Затоа, како предлагачи на овој закон сметаме дека е потребно да предвидиме државна награда „22 Ноември“ со која се оддава признание за унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери- пишува во образложението.
Со предлог текстот на законот е предвидено во текот на една година да се доделат најмногу до две награди. Паричниот износ на наградата „22 Ноември“ би бил пет просечни плати во републиката исплатени во последните три месеца на тековната година. Во Македонија се доделуваат следниве државни награди: „11 Октомври”, „23 Октомври“, „8 Септември“, „Св. Климент Охридски”, „Гоце Делчев”, „Мито Хаџи Василев Јасмин” и „Мајка Тереза“. Предлогот е ставен на пленарна седница пред пратениците на 21 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.