| четврток, 6 декември 2018 |

Работилница за декупаж – креативна техника за создавање на уникатни предмети

На 17 мај, во „Концепт 37“ ќе се одржи нова работилница „Декупаж за почетници“ во организација на Ангела Димовска. Ова ќе биде петта работилница на која сите заинтересирани може да ја научат креативната техника на создавање на уникатни предмети.

Димовска е основач и управител на „Ани комерц”, првата фирма-производител на украсни кеси во земјава која годинава го прославува 25-годишниот јубилеј од работењето.

– Пред четири години, пребарувајќи по интернет, ми се допадна и дојдов до идеја да ја проучам подетално техниката декупаж. Кога набљдудував како се работи, посакав да ја усовршам повеќе. Па така, присустував на повеќе работилници надвор од Македонија и решив знаењето со кое се стекнав да го пренесам и кај нас – објаснува Димовска.

Првата работилница која Димовска ја организирала била во февруари 2017 година во „Јавна соба“.

– Постоеше голем интерес и имавме многу посетители од сите возрасти – вели Димовска, која огромниот интерес и доброто дружење ја натерло да продолжи да ги организира овие работилници на кои освен знаење, се стекнуваат и нови пријателства.

Декупаж техниката може да се изработува на различни материјали како медијапан, стакло, керамика, дрво, платно…

– Со оваа техника може многу да се заштеди бидејќи може да се декорираат стари предмети кои потоа добиваат ново руво, нова убавина – вели Димовска.

Таа има во план и во иднина да продолжи со организација на овие работилници на кои ќе се учат и применуваат нови техники и ќе се збогатува знаењето за оваа уникатна изработка.

– Сите имаат грижи и проблеми, со кои се носат секојдневно. Сакав малку да ги оттргнам луѓето од тоа секојдневие. Работете декупаж, на стар или на нов предмет, на што било – правете го за себе, а ако можете, направете и подарок. Тој подарок ќе биде единствен и луѓето ќе се сеќаваат – порачува Димовска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top