| четврток, 6 декември 2018 |

Македонец од Виена и Србин од Марвинци шверцувале антички монети и артефакти со непроценлива вредност

Македонец кој живее во Виена и српски државанин кој живее во валандовското село Марвинци се уапсени на граничен премин при обид да изнесат од земјава вредни антички монети и артефакти со непроценлива вредност.

Кумановската полиција до обвинителството поднесе кривична пријава против С.Г. (47) од Србија со живеалиште во с. Марвинци, Валандовско и М.Ј. (51) македонски државјанин со живеалиште во Виена, Австрија, поради „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”.

На 4 мај околу 3.30 часот на излез од земјава, кај српскиот државјанин се пронајдени 20 антички монети, едно античко копче, додека, пак, при извршен претрес врз возило „волво С80“ со австриски регистарски таблици, сопственост на македонскиот државјанин М.Ј. се пронајдени 47 римски пари и други археолошки артефакти (еден прстен, една нараквица и археолошки предмет од глина, десет археолошки монети – артефакти, метален етнолошки рулет и една хартиена паковка со девет археолошки монети артефакти, три метални броша, две парчиња археолошки предмети – дел од вага и две парчиња македонски археолошки монети артефакти).

Двајцата се приведени од страна на полициските службеници на граничниот премин Табановце и се предадени во СВР Куманово за понатамошно постапување. „На местото каде се пронајдени предметите на ГП Табановце, од страна на стручни лица од НУМ Куманово и двајца археолози е извршен преглед при што е констатирано дека предметите се културно наследство или природни реткости со непроценета вредност“, информираат од полицијата.

Со претходно обезбедена судска наредба од страна на полициските службеници при СВР Струмица е извршен претрес во домот и помошни простории на српскиот државјанин С.Г. при што се пронајдени и околу два килограми непозната растителна материја и неколку стари монети и други предмети. Дополнително, по консултација со ОЈО Куманово одлучено е одземените предмети да бидат сместени во просториите на СВР Куманово се до издавање Наредба од Национална установа Археолошки музеј на Македонија – Скопје кој ќе изврши процена на оригиналноста на уметничките предмети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top